Завршена е национализацијата на германската енергетска компанија „Uniper“, соопшти германското Министерство за економија и финансии.
Енергетскиот гигант годинава наиде на големи проблеми поради прекинот на снабдувањето со руски гас, откако западните земји ја казнија Русија со санкции за инвазијата на Украина. Како резултат на тоа, цените на гасот се зголемија многукратно.
Компанијата со седиште во Дизелдорф беше принудена да ги надомести пропуштените руски испораки со купување гас по високи пазарни цени за да ги исполни обврските од договорите за снабдување со клиентите во време кога условите беа поповолни. Ова предизвика непремостливи проблеми со ликвидноста на „Uniper“.
Државна поддршка до крајот на 2024-та година.
Пропаднатиот „Uniper“ беше принуден да изврши докапитализација од осум милијарди евра, што и беше дозволено само на федералната влада, а покрај тоа, владата купи и акции од финскиот „Fortum“, поранешен мнозински акционер на 2Uniper“. Владата во Берлин сега поседува околу 99 отсто од германскиот енергетски гигант.
„Uniper“ проценува дека државната поддршка што и е потребна до крајот на 2024-та година би можела да изнесува повеќе од 30 милијарди евра. Во средата компанијата доби дополнителни 5,5 милијарди евра, а вкупно годинава преку мерките за стекнување акции добил 13,5 милијарди евра државна помош.
„Да бидеме појасни, тоа се трошоци што ги направија „Uniper“ и Германија како резултат на војната против Украина и прекинот на испораките на гас од Русија“, изјави извршниот директор на компанијата Клаус-Дитер Маубах.
Европската комисија ја одобри германската државна помош во вторникот доцна навечер, откако акционерите на „Uniper“ веќе дадоа зелено светло.