28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКовачевски задоволен со рејтингот кој е понизок од оние на Груевски, Мицкоски...

Ковачевски задоволен со рејтингот кој е понизок од оние на Груевски, Мицкоски и Ахмети, историски најсниската доверба во судството не ја коментира

Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски вели дека е задоволен од личниот рејтинг во последната анкета на ИРИ, според која има доверба од 5% од граѓаните. Враќањето на избеганиот експремиер Никола Груевски на врвот не го коментираше, ниту пак фактот што второто место на анкетите го делат лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети.

„Во делот на личните рејтинзи, тоа секако има влијание. Јас нема да го коментирам личниот рејтинг на било кој политичар. Јас можам да го коментирам мојот, кој би кажал дека нашите граѓани знаат да препознаат кога некој го вложува целиот труд, напор и енергија кога во време на најголема криза се грижи за економска стабилност, обезбедување на енергетска стабилност и топлинска енергија. Анкетата опфаќа 10 месеци од моето назначување во Владата, свесноста растела со прилично голем процент. Во однос на политичките рејтинзи и тоа е респектибилно, со оглед на 10 месечното раководење со Владата“, вели Ковачевски.

Под Ковачевски на анкетата на Меѓународниот републикански институт се лидерот на Левица, Димитар Апасиев, претседателот Стево Пендаровски и лидерот на Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами со 3% доверба, а со 2% следуваат Зијадин Села, кој веќе не е претседател на Алијансата за Албанците, но и Зоран Заев и Бранко Црвенковски, кои се повлекоа од политиката.

Премиерот пак, денеска не сакаше да ја коментира довербата во судството, која е на историски најниско ниво – 4% или половина од минатогодишната доверба, која на мерењето од ИРИ изнесуваше 8 отсто. Според Ковачевски, се работи за поделена власт, па затоа одговорите зошто има пад на довербата треба да се бара од правосудната власт.

„Во однос на правосудството, тоа е прашање за правосудните органи. Ние имаме независна правосудна власт“, додаде Ковачевски.

Овие податоци доаѓаат од анкетата која е спроведена од 23 септември до 13 октомври годинава со повеќестепен стратификуван примерок преку интервјуа лице-во-лице во домовите на испитаниците, односно пред да се случат новите потреси и скандали во правосудството со паднатата пресуда за Сашо Мијалков за масовното прислушување и пред изборот на Ислам Абази за шеф на обвинителството за организиран криминал и корупција, избор кој и амбасадата на САД го сметаше за скандалозен.

Анкетата е спроведена на национално ниво, со репрезентативен примерокот од 1.207 испитаници на возраст од 18 години и повеќе, а со маргина на грешка од ± 2.8 поени на ниво на доверба од 95%.

А.Т

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП