29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗаканите за бомби ја прават Македонија нестабилна - Земји партнери го вклучуваат...

Заканите за бомби ја прават Македонија нестабилна – Земји партнери го вклучуваат алармот за патување во земјава

Нерешените дојави за бомби после повеќе од два месеци го кренаа алармот во земјите партнери од НАТО Алијансата – Германија и САД ги предупредуваат своите граѓани кои патуваат во Македонија да внимаваат поради зачестените заканувачки пораки кои пристигнуваа најпрво во училиштата, а потоа и во трговски центри, хотели, но и државни институции. 

Дојавите за бомби не ги оставија имуни ниту транспортните центри – Железничката станица, но и аеродромот во Скопје, каде имаше принудни евакуации поради мејл закани, кои се покажаа дека се лажни. Но, оваа сага без решение ги натера и Соединетите американски држави да ги преупредат граѓаните(линк: https://mk.usembassy.gov/security-alert-u-s-embassy-skopje-north-macedonia-3/):

„Има пораст на пријавени закани за бомби повеќе пати неделно низ Скопје и регионот, на станици за јавен превоз, аеродроми, хотели, трговски центри, спортски центри и училишта. Локалните органи за спроведување на законот ја истражуваа секоја закана и досега сите закани за бомби беа лажни. Ако се најдете на локација што добила закана за бомба, следете ги упатствата на локалниот безбедносен персонал и полицијата на лице место“, стои во соопштението на САД.

Викендов, со предупредување излегоа и германските власти, од каде велат дека нивните граѓани препорачливо е да се информираат од доверливи локални и социјални медиуми во врска со актуелната ситуација и да ги следат препораките на локалните власти и безбедносни сили.

„Закани со бомби против јавни институции и објекти во последно време се регистрирани во главниот град Скопје. Тие првично беа насочени кон училишта и владини објекти, но во меѓувреме се погодени и хотели и други невладини установи. Последно, беше неопходна евакуација на меѓународниот аеродром во Скопје каде сообраќајот мораше да биде привремено запрен“, посочи германското Министерство за надворешни работи.

Македонија се правда: Хибридните закани се регионални

Министерот за надворешни работи Бујар Османи пак, денеска се правда по последните предупредувања од партнерите во НАТО. Според него, дојавите за бомби се регионална појава, а не изолиран случај во Македонија.

„Живееме во неизвесност и со бројни предизвици од домашни – последните хибридни закани преку дојавите за бомби низ институциите, па преку регионални – состојбата во односите меѓу Косово и Србија, политичката криза во Црна Гора, состојбата во Босна и Херцеговина, новото поставување бариери за мигранти, но и пошироко во геополитички контекст со фокус на руската агресија врз Украина. Македонија во овие нови геополитички околности и регионални случувања е доверлив партнер на меѓународната заедница, но и партнер од кој може да се очекува проактивност“, рече Османи.

Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи се уште е заглавено во истрагите – Сериозните потреси во повеќето институции се уште немаат разрешница, бидејќи според МВР, се работи за заштитени мејлови чие потекло е тешко да се дознае. Но, Македонија не побарала помош од НАТО, чии членки имаат пософистицирани начини за дознавање. Домашните ресурси се трошат, но властите наместо помош, одлучиле дека треба само да ги алармираат партнерските држави, бидејќи иако не се наоѓа сторителот, државата смета дека добро се справува со заканите.

A.T

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП