21 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Поправично оданочување“ - звучи добро само во опозиција!

„Поправично оданочување“ – звучи добро само во опозиција!

Со усвојување на измените на Законот за данок на личен доход пратениците само потврдија дека земјава не е подготвена за нов начин на оданочување. И по први јануари на сила останува рамниот данок од 10 отсто, а се укинува намерата да се воведе прогресивното оданочување кое требаше да стапи на сила по Нова година. Ова инаку беше едно од главните ветувања на актуелната владеачка партија СДСМ, но веќе е реално дека по притисоците кои ги добија властите од бизнис елитата ова ветување нема да го исполнат во нивниот мандат. Дополнително, пратениците го одложија и даночењето на каматите на заштедите и тоа се до влез на Македонија во Европската Унија. Експертите се разочарани од ваквото однесување на власта, а опозицијата иронична на политиките на своите опоненти.

Поранешниот советник Бранимир Јовановиќ на екс министерот за финансии Драган Тевдовски кои заедно решија да го напуштат ресорното министерство токму поради неопстојувањето на прогресивното одданочување вели дека партијата која се претставува како социјалдемократска во последниве три години комплетно ја промени својата политика. Јовановиќ е лут на Владата бидејќи токму поради ветувањето дека побогатите ќе плаќаат повисоки даноци, им донесе многу политички поени во предизборието прет пет години, а сега се заклучува дека сето тоа е само една голема лага.

„Во земја во која има најголеми класни разлики, и во која има најголема стапка на сиромаштија во Европа, таа влада сега по неколку години од како дојде на власт целосно ја сврте приказната, сврти нов лист и сега работи исклучително само за богатите“, вели Бранимир Јовановиќ од Виенскиот Институт за економски студии.

Опозицијата пак предводена од ВМРО-ДПМНЕ смета дека ваквото водење на даночната политика воведува до огромна неизвесност и непредвидливост за приватниот сектор. Владата и министерот за финансии, Фатмир Бесими, со месеци ја држеа јавноста во неизвесност околу повторното стапување во сила на прогресивното оданочување. Од партијата велат дека се против концептот на прогресивно оданочување и сметаат дека во моментов во Македонија е потребно и понатаму да се применува концептот на рамен данок, со постепено намалување до 8%.

„Колку економските политики на СДСМ се кредибилни говори токму нивната таканаречена реформа „правичен данок” кој доколку се сеќавате, беше една од главните ветувања во 2016та и 2020та година. Таканаречената даночна реформа од која токму денес тие се откажуваат, беше дел од сите нивни предизборни програми во изминатите 14 години. Тоа зборува за нивната конзистентност и концепт во областа на даночната политика. Единствената позитивна вест е дека конечно СДСМ призна и се откажа од нејзините даночни авантури и конечно прифати дека рамниот данок воведен од ВМРО-ДПМНЕ е стабилен, развоен и предвидлив даночен концепт, поволен и за стопанството и за граѓаните“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Но министерот за финансии Фатмир Бесими не гледа ништо страшно во обвинувањата на експертите и опозицијата. Тој додава дека измените во ова законско решение се постигнати преку дијалог и инклузивен процес со сите засегнати страни што го спровело Министерството за финансии. Додава дека целата реформа се темели на Стратегијата за реформа на даночниот систем и има поддршка од Меѓуанродните финансиски институции.

„Целта на предложените измени и дополнувања на Законот за данокот на личен доход, кој денеска беа усвоени од Собранието, се дел од нашата определба да воспоставиме праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем, во функција на постигнување забрзан, инклузивен и одржлив економски раст“, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.

Владата освен воведување на прогресивен данок имаше на ум да ги даночи хонорарците, да воведе данок на каматите на заштедите на граѓаните и слични даноци со кои според неа ќе има поправично даночење. Но од сето тоа нема ништо да се реализира барем во следната година.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП