2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе исцрпуваат човечките и финансиски ресурси, а МВР уште не може да...

Се исцрпуваат човечките и финансиски ресурси, а МВР уште не може да ги лоцира пријавувачите на бомби

Речиси секојдневно, тимови на МВР вршат антитерористички проверки во минимум десетина боејкти, главно во Скопје, а се почесто и во по еден од другите градови во Македонија, поради пријави за поставени бомби. Два месеци, државата се бори со пријавите, но досега безуспешно, бидејќи не е фатен пријавувачот.

Освен стравот кој се ствара кај граѓаните, со овие проверки секојдневно се трошат ресурсите – како човечки, така и финансиски. Само денеска, пријави има во над 20 објекти, а во кои тимовите на МВР мора да проверат дали навистина има поставено бомби.

„Дoсега во СВР Скопје и СВР Битола било пријавено дека на електронските адреси на десет училишта во Скопје и пет во Битола, како и во Фудбалската федерација на Македонија, хотел Александар Палас, хотел Мериот, трговски центар Ист гејт, спортска сала Борис Трајковски и Меѓународен Аеродром Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, велат од МВР.

Денеска за првпат, дојава пристигна на место каде на конференција на Стопанската комора требаше да се појави премиерот Димитар Ковачевски, кој пред неколку дена рече дека се работи за хибридни напади и дека безбедносната состојба е стабилна, но дека е речиси невозможно да се открие кој ги испраќа овие заканувачки мејлови.

Вчерашниот ден пак, беше со најголем број на заканувачки пораки за поставени бомби – дури четириесет и девет. Сите повторно беа лажни, но се работи за огромна бројка во која тимовите на Министерството за внатрешни работи вршеа антитерористички проверки. 

Но, алармот во МВР се крена дури скоро – како што вчера објави Денар, министерот Оливер Спасовски очекува деновиве, по два месеци континуирани дојави за бомби, да се одржи Советот за координација на безбедносно разузнавачките, а во кој членуваат Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, но и Комитетот за борба против тероризмот, а со цел да преземаме низа на мерки, како за дојавите за бомби, така и генерално за проблемот со тероризмот.

Опозицијата и денеска реагира – вели состојбата станува аларамантна, а Спасовски нема абер да преземе нешто за да ги заштити граѓаните.

„Состојбата со дојавите за бомби станува алармантна, а Оливер Спасовски нема абер да превземе нешто да ги заштити граѓаните. Вчера беа упатени рекордни 50 дојави за бомби во средни и основни училишта, а учениците, наставниците и родителите се истрауматизирани. Спасовски без срам дури вчера најави дека допрва ќе се координира со службите како да се надмине оваа закана за безбедноста која трае со месеци. Крајна индолентност и неодговорност. Спасовски пред извесно време помпезно најави откривање на дојавувачите на бомби кои сеат страв. Но од тогаш нема никаков резулат, а бројот на дојави станува се поголем. Со месеци институции, трговски центри, станбени комплекси и училишта се под закана, а МВР допрва ќе се координира. Дополнително, да биде работата пострашна, Спасовски и Ковачевски не побарале помош од странски експерти од нашите партнерски земји за справување со дојавите за бомби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

А.Т

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП