13 декември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСоветот за координација на разузнавачките служби ќе ги бара „бомбашите“, опозицијата побара...

Советот за координација на разузнавачките служби ќе ги бара „бомбашите“, опозицијата побара Спасовски да реферира на Комисијата за одбрана и безбедност

Речиси секојдневните дојави за бомби според министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, не се индиција за нарушување на безбедносната состојба. Тој денеска на прес конференција посочи дека МВР е многу блиску до откривањето кој ги испраќал заканите за поставени бомби во Кавадарци, во исто време кога во Скопје пристигнаа нови заканувачки мејлови, а за првпат, мејлови со закани за поставени бомби пристигнаа и во 10 училишта во Куманово.

Спасовски очекува деновиве да се одржи и Советот за координација на безбедносно разузнавачките служби на којшто ќе треба да се разменат сите податоци.

„Значи, и АНБ и Агенцијата за разузнавање, Комитетот за борба против тероризмот се со цел да преземаме низа на мерки не само сега конкретно во овој случај, туку генерално во решението на проблемот со тероризмот“, рече тој.

Појаснува дека дојавите доаѓаат во еден момент, дека антитеростичките единици стасуваат со порверките, но вели исто така дека станува збор за хибридна војна и дека вакви дојави со речиси ист текст на пораките стасува и во други земји. 

„Информациите генерално ние ги споделуваме и со околните земји кои што добиваат вакви закани, Србија во континуитет веќе со години, Црна Гора, Хрватска, Германија, САД, Нов Зеланд на повеќе места во овој период се случува ова и практично и дојавите, односно текстот на пораките е речиси ист“, посочи Спасовски.

Во Собранието пак, опозицијата побара итна седница на Комисијата за одбрана и безбедност на која би учествувал и министерот Оливер Спасовски, а со цел да се добијат информации за честите дојави за поставени бомби. 

„Повеќе од три месеци државата е неспособна да се справи со дојавите за бомби, туку напротив проблемот се проширува и во други градови.  Веднаш во Собранието, заедно со други колеги, побарав итна седница на Комисијата за одбрана и безбедност, на која ќе реферира Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Спасовски е најповикан да се справи со проблемот, а доколку е неспособен да си даде оставка и да се побара помош од нашите пријатели од странство“, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.

Во меѓувреме, претседателот Стево Пендаровски смета дека се уште нема потреба да се свика Советот за безбедност поради честите дојави за бомби. Тој посочи дека е во постојана комуникација со МВР и вели дека надлежните органи се ангажирани и работат на случајот.

А.Т

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП