19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДојавите за бомби повлекуваат и државни институции - опозицијата бара оставка, Ковачевски...

Дојавите за бомби повлекуваат и државни институции – опозицијата бара оставка, Ковачевски вели, МВР успешно ја гарантира безбедноста

Дојавите за бомби од училиштата добиваат и повисоки мети – трговските центри каде има најголемо движење на граѓаните, но за првпат, вчера дојава пристигна и на мејл адресата на државна институција, Министерството за надворешни работи. Но иако со дојавите Македонија се бори веќе два месеци, Министерството за внатрешни работи се уште нема потенцијален виновник, поради измешаните IP адреси од кои стигнуваат мејловите. Во меѓувреме, опозицијата бара министерот Оливер Спасовски да се повлече, со обвинување дека тој не може да се справи со дојавувачот.

„Пораки кои се испраќаат се застршувачки со предупредување дека ќе се разнесат сите, а МВР се уште нема конкретни информации кој се заканува. Исто така, апсурдни се изјавите и фалбите  на Спасовски дека безбедносната состојба е стабилна и нема никакви индиции за нарушување, дека реформите во безбедносните служби се успешни, а од друга страна се уште нема разрешница на целиот случај. Воедно, најмалку што може да направи во овој момент Спасовски е да покаже барем малку морал и доблест и да си поднесе неотповиклива оставка. Безбедноста на граѓаните мора да биде пред и над се“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

МВР пак, се уште со истиот став – се трага кој е пријавувачот, а сите дојави се дел од хибридни закани. Но, додека не се најде виновникот, граѓаните живеат во страв – дали една од дојавите ќе биде вистинска закана. 

Со став се јави и премиерот Димитар Ковачевски – вели скоро невозможно е да се открие од каде доаѓаат овие дојави. Според него, МВР успешно ја гарантира безбедноста на граѓаните.

„Скоро апсолутно е невозможно да се детектира од каде доаѓа дојавата. ВПН се виртуелни приватни мрежи хостирани во странски држави. Затоа се работи со партнерските служби. Ова е хибридна војна. МВР работи интензивно со партнерските служби. Да, секојдневно комуницираат. Со НАТО и другите земји со кои имаме соработка. Се прават анализи со службите за безбедност. Што се однесува за мерките по секоја дојава – тие мора да бидат спроведени по протокол, без импровизација. Одделот за антитероризам ги проверува сите училишта за да може во најкус рок да се утврди дека се лажни дојавите. Безбедноста состојба во државата е стабилна. МВР успешно ја врши својата работа за да ја гарантира безбедноста на секој граѓанин во нашата држава“, рече Ковачевски.

Но, со овие напади не се бори само Македонија. Вчера, но и денеска пријави пристигнуваат во Црна Гора, каде и претходно имаше бран на лажни дојави на бомби. 

„На повеќе мејл адреси на средни училишта во Црна Гора пристигнаа дојави за поставени бомби. Полицијата врши детален преглед“, соопшти црногорската полиција денеска.

Вакви дојави за бомби веќе подолг период го таргетираат регионот, но досега, сите истраги на полициите се без резултат, поради како што велат, добро прикриената вистинска адреса на испраќачот.

А.Т

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП