23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛуксузна синдикална кошница - од нецели 39 илјади во мај до скоро...

Луксузна синдикална кошница – од нецели 39 илјади во мај до скоро 52 илјади денари во ноември

Синдикалната кошница во Македонија станува луксуз – 51.714 денари за ноември, или цели 12.923 денари повеќе од мај годинава изнесуваат основните трошоци за да се „истурка“ месецот. Оваа сума е далеку над просечната плата во земјава, која изнесува околу 33.000 денари. 

Најголем дел од синдикалната кошница, според статистиката која ја објави Сојузот на синдикати, одат за храна – минимум 19.518 денари, за режиски трошоци 12.983 денари, 3.668 денари се минимум потребни за превоз, 2.986 денари за хигиена и 2.250 денари за облека или обувки. За културни активности, според синдикалната минимална кошничка, остануваат 1.067 денари, а за здравствени услуги само 799 денари.

Во ноември минатата година пак, синдикалната кошничка изнесуваше 34.893 денари. И тогаш како и сега, најголемиот дел од средствата беа за храна, потоа за домување, превоз, хигиена, облека и обувки, култура и здравје. 

Инфлацијата најголем удар врз домашниот буџет

Според статистиките кои месечно ги објавуваат синдикалците, голема улога во сето ова игра инфлацијата. Во август годинава, трошоците на живот изнесувале 6.932 денари, а во ноември, бројката е искачена на 8.514 денари. 

Трошоците на живот во ноември се зголемени за 19,5 проценти во споредба со истиот месец лани, а цените на мало за 15,2 проценти. Оваа статистика ја објави Државниот завод за статистика, според кој пак, во однос на октомври, кај трошоците на живот се бележи зголемување од 0,5 проценти, а кај цените на мало за 0,2 проценти.

Најголемиот пораст според ДЗС може да се забележи кај жестоките пијалаци за 4 проценти, виното за 3,4 проценти, месото за 2,6 проценти, рибата и морските плодови за 2,2 проценти, млекото, прехранбените производи неспоменати на друго место за 1,9 проценти, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 1,8 проценти, сирењето и урдата, кафето, чајот, какаото за 0,8 проценти, јајцата за 0,7 проценти, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,6 проценти, пивото за 0,3 проценти и лебот и житата за 0,2 проценти.

Единственото намалување кај трошоците на живот го има кај свежото и разладеното овошје, за 8,9 проценти, но и кај маслото и маснотиите кои се намалени за 5 проценти.

Овие информации доаѓаат во време кога Македонија, како и целиот свет е во економска и енергетска криза, но иако од владата најавуваа дека трошоците ќе почнат да се намалуваат, барем од граѓанска гледна точка, цени остануваат речиси непроменети.

А.Т

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП