25 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Goldman Sachs“ планира да инвестира десетици милиони во криптокомпании

„Goldman Sachs“ планира да инвестира десетици милиони во криптокомпании

„Goldman Sachs“ планира да потроши десетици милиони долари за стекнување или инвестирање во криптокомпании откако колапсот на берзата „FTX“ имаше огромно негативно влијание врз нивната пазарна капитализација и го намали интересот на инвеститорите во секторот.

Имплозијата на „FTX“ ја засили потребата за посигурни, регулирани играчи во областа на криптовалутите, а големите банки го гледаат ова како сериозна деловна можност, коментира Метју МекДермот, шеф на дигитални средства во „Goldman Sachs“, додавајќи дека организацијата ги анализира активностите на голем број криптокомпании.

„Гледаме навистина интересни можности кои се со многу разумни цени“, изјави Мекдермот во интервју за „Reuters“.

„FTX“ поднесе барање за заштита од банкрот на 11-ти ноември по неговиот драматичен колапс, што предизвика големи турбуленции на пазарот на криптовалути и поттикна повици за негова построга регулатива.

„Овој пад дефинитивно го врати пазарот назад во однос на чувствата, нема апсолутно никакво сомневање за тоа. „FTX“ беше лицето на поголемиот дел од екосистемот. И покрај падот, основната технологија продолжува да функционира добро“, рече Мекдермот.

И покрај тоа што сумата што „Goldman Sachs“ планира да ја инвестира не е голема за размерите на компанијата, која лани заработи 21,6 милијарди долари, апетитот за инвестиции во услови на превирања во секторот покажува дека долгорочните можности на овој пазар се далеку од исцрпени.

Извршниот директор на „Goldman Sachs“, Дејвид Соломон, објаснува за „CNBC“ дека иако ги смета криптовалутите како „многу шпекулативни“, тој гледа голем потенцијал во основната технологија.

Конкуренцијата е скептична

Извршниот директор на „Morgan Stanley“, Џејмс Горман, од своја страна, не мисли дека криптовалутите го поминале својот врв, но додава дека не гледа можности за додадена вредност од инвестициите во оваа насока.

Ноел Квин, извршениот директор на „HSBC“, исто така е категоричен дека неговата организација нема планови да се прошири во трговијата со криптовалути.

Спротивно на тоа, „Goldman Sachs“ инвестираше во 11 компании за дигитални средства кои обезбедуваат различни услуги. Во исто време, компанијата започна заедничка услуга со „MSCI“ и „Coin Metrics“ која има за цел да ги класифицира дигиталните средства врз основа на тоа како тие се користат.

И тоа е далеку од единствената голема финансиска институција која внимава на пазарот на криптовалути.

„Britannia Financial Group“, на пример, гради свои услуги поврзани со криптовалути. Компанијата со седиште во Лондон има за цел да им служи на клиентите кои сакаат да се диверзифицираат во дигитални пари, но немаат искуство во оваа област. Исто така, се грижи за инвеститорите кои се добро упатени во работата со дигитални средства, но им е тешко да се движат низ ситуацијата по падот на „FTX“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП