2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДојави за бомби како добро утро - Пријавувачот никако да се фати

Дојави за бомби како добро утро – Пријавувачот никако да се фати

Веќе две недели Министерството за внатрешни работи тврди дека има траг на пријавувачот на лажните дојави за бомби, но тие не престануваат и се шират – Училиштата се главна мета, а по дојавата за бомба во Народната банка, утрово заедно со училиштата, дојава стигна и во трговскиот центар „Ист Гејт“.

Првите дојави почнаа да пристигнуваат на 25 октомври. За случајот имаше осомничено едно лице, но полицијата потоа утврди дека истото нема никаква поврзаност со дојавите. Од тогаш, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски упорно тврди дека знаат од каде доаѓаат заканите, иако нема приведено лице за случаите кои и натаму се шират. Власта секој пат ја има истата изјава – “Се работи за хибридни закани”. 

Но, овие дојави освен што шират страв, трошат и државни ресурси. Антитерористичките проверки се прават секогаш кога има дојави и во секој објект за кој пристигнува информација за наводно поставена бомба. Секогаш пристигнува истата порака и речиси без исклучок се пријавува во истите училишта. 

Досега расчистено само пријавувањето од 4 ноември

Досега се расчисти единствено случајот за дојавите од 4 ноември, за што беше приведен ученик кој веднаш го признал делото. Но, тој бил изолиран случај кога ги испратил лажните заканувања, инспириран од претходните дојави, за кои дознал дека биле испратени преку конкретен провајдер, кој нуди криптирање и заштита на комуникацијата, креирал електронска адресата на конкретниот провајдер, преку која напишал заканувачка порака за поставени експлозиви во четири средни училишта.

„Со цел обезбедување на докази, од страна на Секторот за борба против тероризам насилен екстремизам и радикализам во соработка со Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и Секторот за меѓународна полициска соработка преземени се мерки, при што е утврдено дека електронската адреса на пријавеното лице била креирана на 04.11.2022 година во 11.17 часот од ИП адреса, за која од страна на телекомуникациски оператор се доставени податоци дека сопственик е Д.К.Ч.(43) од Скопје, мајка на кривично пријавеното малолетно лице“, соопштија тогаш од МВР.

Интернет провајдери со повеќе заштити се речиси невозможни за пронаоѓање?

Испраќачот на овие пораки според информации на „Денар“ од МВР има повеќе заштити и се речиси невозможни да се најдат, бидејќи ИП адресата се префрла од една во друга држава, што прави многу тешко да се дојде до вистинскиот компјутер. 

Она што ја отежнува работата на МВР се и веб платформите кои ги нудат овие заштити – во овој случај, платформата Протон мејл, на чија насловна страница е испишано „Добредојдовте на подобар интернет каде приватноста и слободата се на прво место“.

Но, освен што учениците во чија смена стигнуваат дојави за бомби губат од наставата, се прави широк страв во јавноста, бидејќи концентрацијата на пријавените места веќе почна да се шири и на други, поголеми мети, како што е денешната во трговски центар, но и претходната, во државната банка.

Од МВР секогаш со истиот став – тимовите се на терен и вршат проверки, но конкретните резултати од сите досегашни истраги по речиси два месеци, се уште ги нема.

А.Т

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП