24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВладата се поклони пред капиталистите!

Владата се поклони пред капиталистите!

На еден месец пред стартот на новите даночни правила, владата реши да се откаже од долго најавуваната реформа. Владата се откажа од прогресивецот кој што никогаш не го воведе. Реакциите на јавноста, бизнис интересите и политичките елити по се изгледа дека си ја завршија работата.

Прогресивен данок во Македонија нема да има, иако тоа беше едно од главните предизборни ветувања на социјалдемократите во нивната програма. Најавувано дека таа промена на даночната политика ќе биде многу по праведна од оваа актуелната со која сите граѓани се одданочуваат со иста стапка од 10 отсто. Активистите се разочарани и велат дека власта се поклони пред капиталистите. За експертите нема големо изненадување и повеќе велат дека е очекувано оваа влада да се откаже од некое нејзино ветување под притисок од јавноста. Од владата пак велат дека воведуваат даночен систем кој ќе биде предвидлив и транспарентен. Опозицијата пак обвинува дека со ваквите нестабилни политики придонесе да има уште поголем удар за стопанството. Креираат нестабилност, несигурност кај бизнисот и кај граѓаните.

Активистот за социјална правда Здравко Савески за Денар вели дека како и сите претходни влади, и оваа влада е прокапиталистичка влада, која работи за интересите на капиталистите. Според него,  оданочувањето е исклучително важно прашање од гледна точка на капиталистите, затоа што ја прави разликата дали тие ќе трупаат огромно богатство и моќ или сето тоа ќе биде во далеку помала мера. Оттука, тој смета дека капиталистите сигурно извршиле силно влијание власта повторно да се откаже од прескромните мали чекорчиња кон прогресивно оданочување и повторно да го погази она што го кажала.

„Треба да се знае дека повеќе нема широк маневарски простор за продолжување на политиката на даночно привилегирање на капиталистите и богатите. Ерата на евтини кредити заврши, а Македонија стана високозадолжена земја. Инфлацијата допрва ќе се влошува, а власта ќе нема доволно буџетски средства да им помогне на работниците и сиромашните за време на кризата. Парите не растат по дрвјата. Ако државата треба да помага во услови во криза, а не сакаме таа дополнително да се заглавува во долгови, тогаш едноставно нема друга опција освен промена на 30-годишното даночно привилегирање на капиталистите и богатите“, вели активистот Здравко Савески

Владата се откажа и од промени ниту во одданочувањето на депозитите, а обврска за одданочување нема да имаат ниту хонорарците. Нема да се чепкаат ниту реинвестираните добивки. Ова се неколкуте сегменти од реформата во даночната политика кои  беа најавени летово. Но експертите велат дека никогаш владата не беше уверлива дека овие промени ќе ги реализира.

„Овде нема никаква даночна реформа, се во даноците ќе остане исто. Одамна веќе е јасно дека нема да има прогресивен данок. Четири години владата кажува дека нема да има прогресивен данок. Оваа влада дојде на власт со ветување дека ќе земе од богатите и ќе дава на сиромашните, но ништо од тоа“, вели Бранимир Јованович од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Владата сепак е на став дека ќе има реформа во даночната политика, иако нема ништо ново. Нема нов данок, ниту как зголемување на дел од даноците за граѓаните или фирмите.

„Овој Концепт е дел од Стратегијата за реформа на даночната политика и е важен за финансирање на економските активности и целокупниот буџет и одржлив раст. Ова е продолжение на реформите што се прават во јавните финансии, дел од вкупните реформи и политики на оваа Влада. Станува збор за даночен систем кој ќе биде предвидлив, транспарентен, едноставен и стабилен и ќе создаде здрава основа на сите политики во земјата“, истакнаа од Владата.

Од опозициската ВМРО ДПМНЕ велат дека после вкупно 13 години како партија, и после 5 години како влада, СДСМ се откажа од нејзините како што велат даночни авантури и според нив партијата конечно прифатила дека рамниот данок воведен од ВМРО-ДПМНЕ е стабилен, развоен и предвидлив даночен концепт, поволен и за стопанството и за граѓаните.

„СДС докажа дека немаат стратегија за даночна реформа, која помпезно ја најавуваат. Наместо во услови на инфлација и зголемен долг кој е над 7.5 милијарди евра граѓаните на Македонија да слушнат за даночни ослободувања, владата соопшти дека ќе има нов данок за фриленсерите, и даночни стапки кои се исти како до сега. Безидејност, презентирана преку прес конференција долга еден час е на лик на минатите прес конференции кои ги држат долго време за да ги манипулираат граѓаните дека наводно нешто направиле“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Властите велат дека прв приоритет на оваа даночна реформа, е Стратегијата за реформи на даночната политика, а според Илинденска број два таа предвидува поголема праведност во оданочувањето, односно секој треба да ја исполнува својата општествена обврска и да го плати својот праведен удел од данокот. Втор приоритет велат дека е поголема ефикасност и ефективност, третиот е зголемена даночна транспарентот, а четвртиот подобар квалитет на услугите и петтиот е еколошко оданочување. Очекувањата се дека ќе се собираат годишно 75 милиони евра во државната каса.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП