26 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИРазрешен конфликтот меѓу Маск и Apple? Сопственикот на Твитер ја посети компанијата,...

Разрешен конфликтот меѓу Маск и Apple? Сопственикот на Твитер ја посети компанијата, тврди дека недоразбирањето е решено

Шефот на Твитер, Илон Маск, го посети седиштето на Apple, по што на социјалната мрежа објави дека Apple „никогаш не размислувал“ да го отстрани Твитер од својата продавница за апликации.

Во изминатата недела, се чинеше дека конфликтот меѓу Маск и Apple се вжештува, бидејќи милијардерот сугерираше дека Apple всушност може да го отстрани Твитер.

Меѓутоа, откако ја посети компанијата и разговараше со извршниот директор на Apple, Тим Кук, Маск напиша во твит дека „меѓу другото, тие го решија недоразбирањето во врска со потенцијалното отстранување на Твитер од продавницата за апликации“.

„Тим (Кук) беше многу јасен дека никогаш не ни помислил на тоа“, додаде Маск.

Ова е решение за ситуацијата што изгледаше многу поинаку пред само неколку дена, бидејќи новиот шеф на Твитер рече дека Apple престана да се рекламира на Твитер, што го поттикна да праша „дали ја мразат слободата на говорот“.

Во низата објави на Твитер, Маск изјави дека постои можност апликацијата да биде отстранета од понудата на Apple и додаде дека „Apple се закани дека ќе го отстрани Twitter, но не сака да каже зошто“.

Сепак, како одговор на коментарот на еден корисник, Маск рече дека примарен проблем на Apple е начинот на модерирање на содржината на Twitter, па се сметаше дека тоа би можело да биде причината, иако сè уште не е сосема јасно.

Претходно овој месец, поранешниот шеф на доверба и безбедност на Twitter, кој се повлече од функцијата по преземањето на компанијата од страна на Маск, Џоел Рот, предупреди на „катастрофални“ последици доколку апликацијата биде повлечена од продавниците на Google и Apple. Рот за Њујорк Тајмс изјави дека таквата ситуација ќе го отежне пристапот до Twitter на милијарди потенцијални корисници.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП