19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтранските инвестиции, старо-нова тема за дневно политички поени!

Странските инвестиции, старо-нова тема за дневно политички поени!

Странските инвестиции во последниов период станаа една од главните теми за препукување на релација опозиција – власт. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува власта дека нуди нов концепт за привлекување на бизнисмени со странски капитал во Македонија, без никаков концепт, но од Дирекцијата за технолошко индустриските зони кои на некој начин се надлежни за овој сектор велат дека работата на инвеститорите добро се движи и странските инвеститори остваруваат добри резултати.

Од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваат власта дека во Македонија во последниве пет години речиси и да нема политика за нови странски инвестиции, а уште помалку за грижа на веќе постоечките инвеститори. Опозиционерите обвинуваат дека недостасува стратегија за привлекување на инвестиции, и дополнително никој не знае дали воопшто некој работи на оваа област. Од ВМРО заклучуваат дека очајно ниското ниво на странски инвестиции во земјата говори дека инвеститорите не и веруваат на владата, политичката состојба и економските политики кои ги води СДСМ.

„Но и покрај ваквата состојба, слушаме најава за нови концепти, нови политики и како и секогаш истите се со огромни недостатоци и нереални замисли. Но, очигледно Јован Деспотовски наместо имплементатор, се става во функција на креатор. Јавно го прашуваме Деспотовски, која е стратегијата за привлекување на СДИ – кој точно привлекува нови инвестиции, како и каде? Кои се приоритетни сектори и кој кадар има знаење и искуство во истите за да ги анализира и да ги избере таргетираните компании, а потоа да анимира извршни директори и менаџери на овие фирми? – кој, како и за колку пари ја промовира земјата како инвестициска локација? Дополнително, промоторите веќе ги нема, иако долг период зборуваат дека ќе има нов модел со помалку канцелари и вклученост на МНР“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ТИРЗ за Денар велат дека во времето на ВМРО-ДПМНЕ не секогаш се водело сметка дали инвеститорот и компанијата имаат доволно квалитет да ги исполнат своите планови. Во тој период велат дека има ситуација кога се поттикнувале и се давале финансиски средства за инвестиции коишто реално имаат многу мала додадена вредност. Официјалните податоци велат дека заклучно третиот квартал од годинава, регистриран е вкупен извоз од 2,8 милијарди евра, а само во септември извозот достигнал половина милијарди евра. За ваквиот раст на вредноста на извозот влијание има и зголемената цена на производите кои ги продаваат. Во однос на рабониот кадар, во зоните е регистриран раст на бројот на работници и сега тој изнесува 15 600 вработени во странските инвестиции.

„Новиот концепт на ТИРЗ дава конкретни резултати. По само 18 месеци ја имаме втората инвестиција над 100 милиони евра. Покажавме дека Северна Македонија повеќе не е земја на евтина работна сила туку на мапата земји кои имаат капацитет и услови за големи инвестиции. Само од почетокот на годинава имаме постигнато договори за инвестиции со обем од 370 милиони евра. Со вакво темпо очекуваме до крајот на годинава да ја достигнеме границата од половина милијарда. На почетокот на мандатот ветивме европски работни места и можности за младите. Во компаниите во ТИРЗ, од почетокот на годинава имаме нови 1.100 работни места“, велат од ТИРЗ.

Субвенционирањето на странските инвеститори беше и е една од одлуките на властите која е критикувана од експерти но и од домашни компании, кои сметаат дека огромни средства се истурија во дел од зоните кои никогаш не профункционираа, а самите странски инвестиции уживаат многу поголеми бенефити за разлика од домашните компании.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП