На почетокот на оваа година, Британската амбасада во Скопје покрена иницијатива „Засади дрво за јубилејот“ за да се одбележи 70от Платинест јубилеј на Нејзиното Величество Кралицата Елизабета Втора. Беа поканети сите, од поединци, градови, училишта и компании да дадат свој придонес во збогатувањето на животната средина со засадување на дрво и Британската амбасада во Скопје ја започна иницијативата за засадување на дрва во Северна Македонија. Засадивме повеќе од 70 дрва во дворот на Кабинетот на Претседателот, во дворовите на училишта, градинки и општини.
Британската амбасада во Скопје заедно со Јавното претпријатие Национални шуми и бизнис заедницата ќе помогнат во засадувањето на 13 000 садници за пошумување на 5 хектари земјиште со внимателно одбрани видови на автохтони дрва од овој регион. Локалните бизнис компании кои ја поддржаа оваа иницијатива донираа повеќе од половина милион денари за процесот на пошумување.



