ЕКОНОМИЈА

Кочница на цените на енергенсите во Германија на сила од јануари

Германската влада практично ќе ја вклучи таканаречената кочница на цените на гасот и струјата, што ќе им олесни на граѓаните и стопанството да ги плаќаат сметките за поскапите енергенси, веќе во јануари, два месеци порано од планираното.

Според предлог-законот до кој имаше пристап ДПА, мерките што треба да стапат на сила од 1 март ќе опфатат субвенции за ретроактивно покривање на дел од сметките од јануари и февруари.

Кочницата која се финансира од посебен фонд со 200 милијарди евра значи дека домаќинствата и малите и средни претпријатија енергијата до одредена квота ќе ја плаќаат по заштитна цена, а остатокот по пазарна цена.

Квотата за струја е до 80 отсто од просечната потрошувачка од претходната година, а за парно до 70 отсто.

Механизмот што треба да ги амортизира граѓаните и стопанството од шокот од поскапувањето на енергенсите го разви експертска комисија поставена од Владата.