26 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Amazon“ е првата компанија во светот која загуби 1 трилион од својата...

„Amazon“ е првата компанија во светот која загуби 1 трилион од својата вредност

„Amazon.com Inc.“ стана првата јавна компанија во светот која изгуби 1 трилион долари од пазарната капитализација, пишува „Bloomberg“.

Падот беше поттикнат од комбинација на фактори – забрзување на инфлацијата, заострување на монетарните политики и разочарувачки ажурирања на корпоративните приходи што предизвикаа историски распродажби на акциите во оваа година.

Акциите на компанијата за е-трговија и облачни услуги паднаа за 4,3% во средата, со што нејзината пазарна капитализација се сруши на околу 879 милијарди долари од рекордните 1,88 трилиони долари во јули 2021-ва година.

„Amazon“ се „натпреваруваше“ со корпорацијата „Microsoft“ за постигнување на таа несакана пресвртница, но производителот на софтвер заостануваше, откако изгуби „само“ 889 милијарди долари од својата врвна пазарна вредност од ноември 2021-ва година.

Иако технолошките акции беа намалени во текот на годината, стравувањата од рецесија дополнително го оптоварија расположението во секторот. Петте најголеми американски технолошки компании според приходите изгубиле речиси 4 трилиони долари пазарна капитализација во оваа година.

Најголемиот светски онлајн трговец на мало ја помина оваа година приспособувајќи се на наглото забавување на растот на е-трговијата бидејќи купувачите се враќаат на своите навики пред пандемијата. Акциите на „Amazon“ паднаа за речиси 50% поради забавување на продажбата, зголемени трошоци и скок на каматните стапки.

Од почетокот на годината, богатството на ко-основачот на компанијата Џеф Безос е намалено за околу 83 милијарди долари на 109 милијарди долари, покажуваат податоците собрани од „Bloomberg“.

Минатиот месец „Amazon“ прогнозираше најбавен раст на приходите за претстојниот празничен квартал во историјата на компанијата бидејќи купувачите ги намалуваат трошоците во услови на економска несигурност. Ова ја испрати нејзината пазарна вредност под 1 трилион долари за прв пат по бумот на технолошките акции поттикнат од пандемијата пред повеќе од две години.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП