Јавниот долг на земјава со Предлог буџетот за 2023 година е проктиран дека ќе достигне 64,4 % од БДП. Според пресметките кои ги потврди министерот за финансии Фатмир Бесими во пари тој се очекува да надмине 8,5 милијарди евра. Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека заклучно со септември годинава земјава должи 7,65 милијарди евра, што е зголемување за 400 милиони евра за три месеци од јули до крајот на септември. Гледано пак по години, тој од 2017 година до сега е зголемен за 3 милијарди евра, а од 2010 година кога изнесуваше речиси 2 милијарди евра, долгот на државата е зголеме за цели 5,7 милијарди евра. Токму брзиот раст на јавниот долг на земјава, според експертите е главен проблем за државата која во иднина ќе мора се повеќе да се задолжува само за да враќа стари долгови.

Со Предлог Буџетот за 2023 година е проектиран буџетски дефицит од речиси 700 милиони евра и тој ќе изнесува 4,6 % од БДП. Таа е сумата која според министерот Бесими директно ќе се надодаде на сумата на јавниот долг на земјава кој во моментов е 7,65 милијарди евра. Но бидејќи ова се податоци за до девет месеци од годинава, откако ќе се објават податоците за последниот квартал може прецизно да се види дали долгот може да биде и повисок од 8,5 милијарди евра. Буџетскиот дефицит кој изминатите години поради кризите драматично расте, според експертите е рак- рана на сите буџети до сега.

