29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСледната недела државната помош за ранливи категории ќе го најде излезот од...

Следната недела државната помош за ранливи категории ќе го најде излезот од собранискиот лавиринт!

Социјалниот пакет наменет за ранливите категории е заглавен во собраниските лавиринти речиси цел месец. Власта обвинува дека опозицијата ја блокира државната помош за граѓаните на кои им е најпотребна, а пак опозицијата со контра офанзива вели дека мерката е намерно задоцнета од страна на централната власт и дополнително сметаат дека треба дополнување на опфатот на граѓани кои ќе бидат помогнати со буџетски средства. Државната помош ја чекаат пензионери, приматели на социјална помош, родители кои имаат деца со попреченост, самохрани родители, невработени лица.

Пратениците од СДСМ бараат ден поскоро да биде ставен на дневен ред предлог законот за финансиска поддршка на ранливите категории на граѓани за полесно да ја поминат оваа енергетска криза. Во моментов велат дека нема место за политика, мора да се помогне на граѓаните кои се на работ на егзистенцијата.

„Мораме да бидеме што побрзи затоа што ова ги тангира најранливите категории на граѓани и мислам дека секој од нас треба да сноси одговорност што се прави со одолговлекувањето и незакажувањето на седницата на Комисијата за финансирање и буџет. Се работи за антикризни мерки кои што се во износ од над 350 милиони евра и се однесуваат конкретно на таргетирани групи, односно на социјално ранливи граѓани“, велат од СДСМ.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека не се согласуваат со обвинувањата на парламентарното мнозинство, бидејќи велат дека овие мерки од страна на владата се најавени кон крајот на септември, а седницата на која пакетот мерки беше ставен на дневен ред беше минатата недела. Од ВМРО прашуваат која беше причината што помина еден месец предлог законот да патува од Илинденска број два до законодавниот дом.

„Владата ги остави граѓаните во неизвесност и во очекување само за да може да спасат нешто од буџетот на државата. Иако граѓаните чакаат мерки, сепак мислиме дека владата не е подготвена да спроведе инстантни мерки и затоа со вакви предлог закони се обидува да ја префрли вината кај опозицијата“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Од опозициската партија сепак ветија дека до крајот на неделава или од почетокот на следната недела ќе започне расправата за пакетот мерки за ранливите категории на граѓани.

Според информациите од Владата, финансиска поддршка од државата ќе добијат ранливи категории на граѓани кои користат право на социјална сигурност, лицата кои го користат правото за попреченост, родителите на децата со попреченост до 26 годишна возраст, кои користат право на посебен додаток, лицата со попреченост кои користат право за помош и нега од друго лице, а не користат право заради попреченост, лицата со потешки трајни промени во здравствената состојба, а не користат право заради попреченост, самохрани родители корисници на Гарантиран минимален приход и невработени лица – корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок односно стечајни работници.

„Со мерката е предвидено да се додели финансиска поддршка за најранливите категории на граѓани, односно 41.878 лица, согласно погоренаведените категории. Тие ќе добијат вкупна поддршка од 12.000 денари, односно ќе добиваат по 3.000 денари месечно, во период од 4 месеци, како поддршка во услови на енергетската и ценовната криза. Вкупните фискални импликации за оваа мерка се проценети на 502.536.000 денари или 8.171.317 евра“, стои во владиниот документ.

Примателите на пензија кои добиваат до 11.500 денари, ќе има финансиска поддршка во вкупен износ од 6.000 денари, односно по 1.500 денари месечно, во период од 4 месеци. Потоа пензионерите кои имаат пензија од 11.500 денари до 14.000 денари, предвидено е да добијат финансиска поддршка во вкупен износ од 3.000 денари, односно по 750 денари месечно, во период од 4 месеци. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 153 илјади пензионери, а фискалните импликации се 12,2 милиони евра.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП