25 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИСтриминг услугите го погодија резултатот на „Disney“

Стриминг услугите го погодија резултатот на „Disney“

„Walt Disney“ не успеа да ги исполни прогнозите за профит, бидејќи забавниот гигант забележа повеќе загуби од своите потфати за стриминг. Тоа ги намали нејзините акции за 9% на тргувањето во вторникот.

Компанијата освои повеќе клиенти од стриминг отколку што очекуваа аналитичарите во периодот јули-септември, но медиумските инвеститори се повеќе се фокусирани на приходите од стриминг наместо на бројот на претплатници.

„Disney“ потроши милијарди за да ги изгради своите способности за стриминг и да се натпреварува со конкуренцијата. Нејзината главна услуга, „Disney+“, објави 164,2 милиони претплатници во фискалниот четврти квартал, надминувајќи ги проценките на „Factset“ од 161 милион. Сепак, одделот за стриминг загуби 1,5 милијарди долари во истиот период.

„Патувањето изгледа нешто слично на патеката на „Netflix“. Очекувајте повеќе нерамнини и дополнителни загуби во бизнисот со стриминг бидејќи нема „сребрен куршум“ за профитабилност“, рече аналитичарот на „PP Foresight“, Паоло Пескаторе.

Нето приходот на „Disney“ од континуираните операции се зголеми за 1% на 162 милиони долари во кварталот на годишно ниво. Со исклучок на некои ефекти, заработката достигна 30 центи по акција, многу под проценките од 55 центи по акција.

Приходите од 20,15 милијарди долари исто така беа под консензусната проценка од 21,25 милијарди долари.

Компанијата има собрано 235 милиони претплатници на своите стриминг услуги „Disney+“, „Hulu“ и „ESPN+“, што е за 14,6 милиони повеќе од претходниот квартал. „Hulu“ објави 47,2 милиони претплатници и „ESPN+“ 24,3 милиони претплатници.

Компанијата ги повтори своите коментари од август дека загубите од стриминг бизнисот ќе го достигнат врвот во фискалната 2022-ра година, која заврши на 1-ви октомври.

На конференциска врска со аналитичарите, главниот финансиски директор Кристин Мекарти рече дека оперативните резултати на одделот за стриминг ќе се подобрат за најмалку 200 милиони долари во првиот квартал од фискалната 2023-та година во споредба со четвртиот квартал од фискалната 2022-ва година.

Верзијата на услугата „Disney+“, поддржана од реклами, ќе започне во САД на 8-ми декември, со што ќе стане нов извор на приходи за преземање на милијардите што компанијата ги троши за создавање оригинални филмови и серии за услугата за стриминг.

Извршниот директор Роберт Чапек рече дека компанијата обезбедила повеќе од 100 огласувачи во повеќе категории за лансирањето, што ја одразува големата побарувачка од брендовите кои сакаат да допрат до гледачите на „Disney“.

„Рекламната услуга не се очекува да има големо влијание врз резултатот на компанијата до подоцна оваа фискална година“, рече Мекарти.

Според аналитичарот на „Macquarie Research“, Тим Нолан, новата услуга би можела да донесе дополнителни 800 милиони долари од продажба на реклами следната година.

Тематските паркови на „Disney“ забележаа постојан раст и покрај ограничувањата за патување поради Ковид-19 во Кина и ураганот Иан, што го принуди „Walt Disney World“ во Флорида привремено да се затвори во септември.

Групата паркови, искуства и производи објави приход од 7,4 милијарди долари во кварталот, надминувајќи ги проценките на аналитичарите. Оперативната добивка достигна 1,5 милијарди долари – повеќе од двојно во споредба со претходната година. Според проценките, ураганот ја чинел компанијата 65 милиони долари, рече Мекарти.

За фискалната година, „Disney“ објави заработка по акција од 3,53 долари, без еднократните ефекти, со приход од 82,7 милијарди долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП