Делегација на јапонската Амбасада во Скопје, предводена од Н.Е. Амбасадорот Савада Хиронори, оствари работна посета на „Алкалоид“ АД Скопје. Во рамките на посетата, чиј домаќин беше Генералниот директор и Претседател на УО, г. Живко Мукаетов, делегацијата имаше можност да се запознае со работењето на компанијата, финансиските резултати, деловните активности, како и со производствениот асортиман и со производствените можности. Во текот на презентацијата беа истакнати големиот број инвестиции и проекти што ги реализира „Алкалоид“ во континуитет, како и определбата и фокусот на компанијата во делот на извозната политика и големиот број проекти и заложби во делот на општествената одговорност.

Соработката на „Алкалоид“ со јапонскиот гигант „Фуџи“ е трасирана во 1978 година, кога компанијата била еден од најголемите увозници на рендген-филмови во земјава. Денес, со користење на најновите сознанија и на модерните јапонски пракси, програмата билкарство на „Алкалоид“ е сертифицирана во согласност со јапонскиот стандард за органско производство, а алкалоидови вработени, преку Јапонската асоцијација за техничка соработка и за одржливи партнерства (AOTS), ги зајакнаа своите вештини и компетенции на разни едукативни програми во тренинг-центрите на АОТС во Осака, Нагоја и во Токио. Амбасадата на Јапонија во Скопје е голем поддржувач на македонското здравство, со голем број остварени донации и доделени грантови на неколку здравствени капацитети во земјава.


