27 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИУспешна имплементација на ОneID и SignPlus во работата на македонските банки

Успешна имплементација на ОneID и SignPlus во работата на македонските банки

По успешното лансирање на мобилната апликација OneID од страна на КИБС и Некстсенс, првата македонска шема за електронска идентификација, веќе стана практично имплементирана во работата на македонското банкарство.

Имено, Шпаркасе банка АД Скопје на почетокот од овој месец во своето работење вклучува користење електронски идентитет, дигитално потпишување документи и нивно електронско архивирање, со цел да се овозможи целосно ново дигитално искуство при вршењето на банкарските услуги.

Платформата OneID е развиена од страна на Клириншката куќа КИБС АД во рамките на брендот KIBSTrust и друштвото за информатички технологии Некстсенс, а овозможува брз и лесен начин за електронска идентификација на физички лица со користење мобилна апликација. Мобилната апликација OneID е достапна за преземање од три платформи: Google Play, AppStore и HarmonyOS.

Постапката на создавање електронски идентитет е брза и безбедна, а завршува со создавање квалификуван сертификат за електронски потпис издаден во облакот на KIBSTrust. Откако клиентот еднаш ќе го креира електронскиот идентитет, потоа ќе може да го користи за идентификување во сите компании и институции што имаат потреба од далечинска идентификација и се корисници на услугата OneID. Ширум светот, овој вид решенија за електронска идентификација функционираат повеќе години, а во Македонија, OneID е првата од овој тип.

Со ОneID, клиентите на Шпаркасе банка ќе имаат поголема флексибилност при извршувањето на банкарските услуги, ќе заштедат време, ресурси и финансиски средства и ќе може безбедно да користат банкарски услуги од далечина и без употреба на хартија. Дигиталниот идентитет и дигиталното потпишување им овозможуваат на клиентите на банката да се идентификуваат и да потпишуваат електронски документи со својот квалификуван дигитален потпис од кое било место во светот.

Дигиталното потпишување документи е овозможено со користењето на платформата SignPlus, која, како и OneID, е софтвер како услуга достапна во облакот на KIBSTrust. Покрај другите функционалности, платформата обезбедува целосно онлајн дигитално потпишување документи во PDF-формат со користење различни типови сертификати. Корисникот на услугата може да ја интегрира својата електронска архива со цел автоматски да ги архивира потпишаните документи.

„Заедно со нашиот партнер Некстсенс успеавме да ги имплементираме услугите OneID, SignPlus и CDR за нашиот заеднички корисник и партнер Шпаркасе банка, а овој процес се одвиваше непречено. КИБС, како лидер на пазарот на услуги од дигитална доверба, веќе 20 години успешно ги имплементира глобалните трендови и ИТ-решенија, особено во делот на дигитализација на работните процеси и поставување основа за користење услуги и производи на локално ниво. OneID и SignPlus претставуваат софтвер како услуга достапна во облакот на KIBSTrust, ги исполнуваат највисоките глобални стандарди, а притоа се интуитивни, лесни за употреба, безбедни и овозможуваат лесно корисничко искуство“, нагласи Горан Анастасовски, Генерален директор и Претседател на управниот одбор на КИБС АД Скопје.

Сите решенија на КИБС АД и Некстсенс имплементирани во овој процес се усогласени со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги (MK-eIDAS), барањата за заштита од перење пари и идентификација на клиенти (запознај го својот клиент) и со Законот за архивско работење на Република Северна Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП