17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБез инвестиции во човечки капитал, нема развој на државата!

Без инвестиции во човечки капитал, нема развој на државата!

Државата свесно или не, не вложува во човечкиот капитал. Ова е мислењето на дел од експертската јавност. Секоја година се предложуваат државни буџети, а во нив редовно се намалува ставката за образование и за научни трудови. Дисбалансот на пазарот на труд е само еден од сегментите кои имаат негативно влијание од недостатокот на стратегија и вложувањето во овој домен на општеството. Затоа експертите посочуваат дека иселувањето не може да се намали, незадоволството кај младите продолжува да расте, а сите влади си тераат по свое.

За една држава да се развива со забрзано темпо треба да има подготвено применлива стратегија за развој. Не може да се очекува да има солиден развој на државата кога нема доволни инвестиции во човечкиот капитал, вели за Денар економистот Абилј Бауш. Според него Македонија за жал нема стратешка ориентација за тоа каде треба да се движи државата.

„Треба јасно да се знае кои се приоритетите на државата, целокупната инвестиција во буџетот треба да биде насочена кон човечкиот капитал. Да се мисли треба повеќе на пазарот на трудот, која и неговата иднина, кој ќе работи и што ќе работи во иднина. Тоа се на некој начин и помошни инвестиции. Не се отфрла секако градењето на капиталните проекти како улици, болници, градинки, училишта, но без приоритетност на граѓаните државата нема простор за развој на долг рок. На тој начин нашите граѓани ќе имаат конкурентна предност во однос на земјите од регионот“, вели економистот Абилј Бауш.

Од министерството за финансии кои се креатори на државниот буџет велат дека очекуваат нормализација на глобалните движења, стабилизирање на глобалните синџири на снабдување и раст на економската активност. Од таму велат дека со серија на програми и проекти се обидуваат да направат животот на граѓаните да биде подобар. Како примери ги потенцираа,  економските политики и мерки во планoт за фискална одржливост и поддршката на економскиот раст, потоа планот за јавни инвестиции и планот за забрзан економски раст.

„Инвестициите ќе играат клучна во економскиот раст и се очекува да забележат просечен годишен раст од околу 8%, што се должи на очекуваните зголемени приватни инвестиции, како и растот на капитални расходи. Соодносот на инвестициите наспроти БДП се очекува да се зголеми на над 40% во 2027 година. Како резултат на ова во периодот 2024-2027 година, растот на вработеноста ќе забрза на просечен годишен пораст од 3,2%. Ова ќе придонесе стапката на невработеност во 2027 година да се намали на 9,4%. Просечната нето-плата во овој период се очекува номинално да расте за 6,1% на годишно ниво.“

На оваа тема свое истражување спроведоа и од УНДП. Наодите покажуваат дека потребно е голама политичка волја за да се направат неопходните промени во општеството. За да се постигне целта за повисоко ниво на човечки развој за сите македонски граѓани, потребно е соочување со реалноста, но и обмислување на решенија.

„Развојот на човештвото е во основата на цивилизацијата. Цивилизацијата не значи ништо друго туку подобрување на животот на човекот, правење услови за извесна иднина, фер правила на игра, подобрување на околината во која што живееме, создавање добри услови за економија, добро образование и здравство, правда и праведност за сите, оставање на подобро опкружување за идните генерации од оние кои сме ги наследиле. Две години човештвото влегува од криза во криза. А, што прават луѓето во криза? Се организираат и изнаоѓаат решенија. Можеби тоа нема да бидат најдобрите решенија во моментот, но штетата е поголема ако не се прави ништо.“, велат од УНДП.

Експертите посочуваат дека за вакви деликатни проблеми се потребни луѓе со високи менаџерски способности. Во последниот извештај на Светска банка  јасно се наведува дека Македонија има слабо управување со јавните пари на државата. Препораката на економистите е кога ќе се подготвува ребаланс на буџетот, никогаш повеќе да нема кратење на капиталните инвестиции и на инвестициите во човечкиот капитал.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП