26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвропските одлуки ги празнат џебовите на македонските должници

Европските одлуки ги празнат џебовите на македонските должници

Европската централна банка ги зголеми каматните стапки што значи дека ратите на кредитите ќе бидат повисоки бидејќи ќе се усогласат со нивниот еурибор.

Европската централна банка (ЕЦБ) ги „израдува“ домашните должници во евра со уште едно зголемување на каматите. Тоа значи дека оние кои добиле покрив над главата со кредит кој е индексиран во европска валута, или пак оние кои купиле кола на лизинг, наскоро ќе имаат повисоки месечни рати за отплата. ЕЦБ ги зголеми клучните каматни стапки за 0,75 отсто, што се одразува на Еурибор, според кој кај нас се коригираат кредитите со променлива каматна стапка. Шестмесечниот Еурибор сега изнесува 2,118 отсто, а тримесечниот 1,605 отсто. Овие, инаку, меѓубанкарски каматни стапки се менуваат секојдневно.

Каматната стапка на банкарските депозити пласирани кај ЕЦБ е зголемена за 75 базични поени на 1,5 отсто, што е највисоко ниво од 2009 година, каматната стапка на главните операции за рефинансирање е зголемена од 1,25 на два отсто, а каматната стапка на дневните банкарски заеми од 1,5 до 2,25 отсто.

ЕЦБ ги зголеми каматните стапки трет пат по ред оваа година, откако ги зголеми каматните стапки за 50 базични поени во јули и за 75 базични поени во септември. Централната банка на 19-члениот валутен блок, исто така, објави дека ќе започне со повлекување готовина од банкарскиот систем за да се бори против рекордно високата инфлација. Каматните стапки ги зголемуваат сите централни банки како одговор на зголемената инфлација.

Експертите велат дека зголемувањето на каматните стапки за дури три четвртини од поен по седница на централната банка претставува најагресивна кампања за заострување на монетарната политика од почетокот на осумдесеттите години на минатиот век. Парите се поскапи и за сегашните и за идните должници.

Зголемувањето на каматните стапки ќе ги погоди речиси сите должници на кредити, кои главно се договорени со променлива каматна стапка, бидејќи е поповолна. Новиот износ на рата за кредити одобрени со променлива каматна стапка зависи од вредноста на главницата, висината на каматната стапка, како и од тоа кога првично е земен кредитот и за кој период, бидејќи се менува структурата на главницата и каматата во текот на рокот на отплата. Во случај на кредити одобрени со фиксна каматна стапка, нема да има промена на ануитетот.

Тешко да се предвидат идните движења на каматните стапки на индексираните кредити во евра, но извесно е дека сегашниот тренд на пораст ќе продолжи, што е условено од растот на референтната каматна стапка на Европската централна банка, велат експертите.

Очигледно е дека ерата на евтини пари заврши и сега монетарната политика се враќа на реалните текови со цел да се потиснат инфлаторните трендови и да се спречи рецесија на европската економија. Но, без разлика на актуелните движења, се уште сме далеку од историскиот максимум што беше забележан во октомври 2008 година, кога шестмесечниот еурибор беше близу 5,5 отсто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП