20 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Intel“ вети повеќе намалувања на трошоците по слабиот извештај

„Intel“ вети повеќе намалувања на трошоците по слабиот извештај

Акциите на „Intel“ пораснаа во тргувањето по работното време, откако производителот на чипови вети дека ќе ги намали трошоците. Одлуката е обид да се надмине постојаниот пад на побарувачката за персонални компјутери што ги намали приходите и профитот и ги попречи напорите за обновување на гигантот.

Компанијата соопшти дека голем број активности, вклучително и намалувањето на работните места и забавување на трошењето на нови погони, ќе доведат до заштеди од 3 милијарди долари следната година, а годишните намалувања ќе достигнат 10 милијарди долари до крајот на 2025-та година.

Приходите и профитот на „Intel“ паднаа во третиот квартал, објави компанијата.

Главниот извршен директор Пет Гелсинџер се обложува на брзо закрепнување на продажбата на полупроводници за да помогне во финансирањето на неговите амбициозни планови да ја врати поранешната доминација на „Intel“ во индустријата вредна 580 милијарди долари. Гелсинџер, кој пред три месеци предвиде дека третиот квартал ќе биде најниската точка за перформансите на компанијата, наместо тоа рече дека побарувачката за компјутерски процесори е намалена уште посилно од прогнозите и изгледите остануваат мрачни.

„Влошувањето на макро-околината беше проблем и е проблем. Нема добри економски вести“, коментира Гелсинџер во интервјуто.

Нето приходот за третиот квартал достигна 1 милијарда долари, или 25 центи по акција, што е намалување од 6,8 милијарди долари или 1,67 долари по акција, во истиот период претходната година. Приходите се намалија за 20 отсто на 15,3 милијарди долари. Без одредени ставки, заработката достигна 59 центи по акција. Волстрит очекуваше заработка од 33 центи по акција на 15,4 милијарди долари.

Акциите на „Intel“ првично паднаа за околу 5,4% во тргувањето по работното време по објавувањето на извештајот. Претходно, тие ја затворија седницата на 26,27 долари. Од почетокот на годината цената на акцијата потона за 49%.

Претходно овој месец, „Bloomberg News“ објави дека „Intel“ планира големо намалување, веројатно отпуштање илјадници луѓе, рекоа извори запознаени со ситуацијата. Некои поделби, вклучително и маркетинг и продажба, би можеле да се соочат со отпуштања до 20 отсто, велат тие. Во својот финансиски извештај компанијата не прецизираше колку работни места ќе бидат укинати.

Приходите за четвртиот квартал ќе бидат меѓу 14 и 15 милијарди долари, објави „Intel“. Прогнозата на аналитичарите е за 16,3 милијарди долари. Без одредени ставки, заработката би била 20 центи по акција, под просечната проценка од 66 центи по акција.

„Intel“ ја намали прогнозата за приходите за целата година на 63-64 милијарди долари, што е намалување за околу 20% од 2021 година. Бруто-маржата ќе падне повеќе од првично очекуваното на 47,5%, а заработката по акција ќе биде околу 1,95 долари.

Гелсинџер рече дека нивото на профитабилност не е доволно добро, а тоа е резултат на неефикасноста во операциите на „Intel“ што треба да се решат.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП