Со значителна финансиска добивка, домашната нафтена компанија „Макпетрол“ се справува со светската економска криза и неизвесноста на пазарот со енергенси. Според Билансот на успех за првите три квартали од 2022 година што е објавен на Македонската берза, „Макпетрол“ ги заокружи првите девет месеци од годинава со добивка од над 15 милиони евра и значително зголемени приходи кои се повисоки за 81 отсто споредено со лани.
Финансискиот успех во досегашниот тек од 2022 година е показател за стабилноста на компанијата на домашниот и регионалните пазари, како и за успешното менаџирање на компанијата во кризниот период за целиот бизнис. Билансот на успех покажува многу значителен пораст на вкупните приходи на компанијата од дури 72 отсто споредено со лани, со што тие годинава достигнаа 451 милион евра. Значителниот пораст на приходите се должи на зголемените приходи од продажба кои пораснале за 81 отсто. Вкупните приходи од продажба изнесуваат 448 милиони евра, од кои 421 милион евра се приходи од продажба на домашниот пазар, додека останатите 27 милиони евра се од продажбата на странски пазари. Според финансискиот извештај, приходите од продажба на странските пазари имаат значително помало учество во вкупните приходи од продажба, но годинава тие се повисоки за дури 232 отсто од лани, што е огромен успех имајќи ги предвид турбуленциите на пазарите во светот предизвикани од високата инфлација и недостигот од енергенси.

