13 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

latestnews

Најнови вести од светот 17.09.2013 година

Белград – Германската фирма за производство и продажба на оружје Хеклер и Кох со седиште во Германија и САД, ја прекина својата соработка со Косово. Компанијата, која неколку години продаваше оружје на силите за безбедност на Косово и косовската полиција, донесе одлука повеќе да не испраќа оружје на Косово, пишува приштинскиот весник Трибуна, а пренесе РТС.

Белград – Разговорите со ЕУ околу продажбата на хрватски цигари на српскиот пазар не се завршени, вели министерот за надворешна и внатрешна трговија и телекомуникации Расим Љајиќ. Според него, не е постигнат никаков договор и Србија очекува да се уважат некои нејзини аргументи во смисла на заштита на домашната индустрија.

Белград – Просечните месечни расположливи средства по домаќинство во Србија изнесуваа 53.762 динари во вториот квартал оваа година. Домаќинствата најмногу пари (43,2 отсто) трошат за храна и безалкохолни пијалоци, соопшти Републичкиот завод за статистика. Од вкупно расположливите средства 95,4  отсто се приходи во пари, а 4,6 отсто се приходи во натура. Најголем дел во расположливите средства имаат приходите од редовниот работен однос 46,6 отсто, пензиите 33,2 отсто, натуралната потрошувачка 4,6 отсто и останатите примања 3,5 отсто.

Подгорица – Највисока месечна плата која оваа година е исплатена на некого во Црна Гора е 197.000 евра, соопшти директорот на црногорската Даночна управа Милан Лакичевиќ. За Телевизија Црна Гора тој истакна дека највисоката месечна плата во Црна Гора до сега исплатена е во износ од 62.883 евра. Во однос на првиот износ, Лакичевиќ претпоставува дека најверојатно во прашање е плата со бонуси и други надоместоци.

Сплит – Државната власт во Хрватска решија и производителите на лозова ракија да бидат во нивната евиденција. Во Законот за акцизи, воведен е институт за мали производители на силни алкохолни пијалоци, а тоа е секој граѓанин сопственик или корисник на земјоделско земјиште кој произведува силен алкохолен пијалок за сопствени потреби и тоа во количина која не надминува 20 литри чист алкохол по домаќинство годишно, пренесе порталот Сеебиз. Весникот Слободна Далмација пишува дека законодавецот великодушно пропишал дека на произведените 20 литри чист алкохол по домаќинство нема да се плаќа акциза. Акциза нема да се плаќа на произведени 50 литри лозова ракија со 40 отсто алкохол.

Подгорица – Индустриското производство во Црна Гора во август во однос на истиот месец лани, бележи раст од 9 отсто, соопшти Монстат. Како што се наведува, индустриското производство во Црна Гора во август, во однос на претходниот месец е поголемо за 0,8 отсто, додека во однос на просечното едномесечно производство од претходната година е поголемо за 8,7 отсто.

Љубљана – Просечната месечна плата во Словенија во јули изнесувала 990 евра, што е реално повеќе од јуни за 1,1 отсто, соопшти државниот Завод за статистика. Просечната месечна бруто плата за јули достигна 1.510 евра и во споредба со јуни била повисока реално за 1,3 отсто. Најдобро платени работници биле во дејноста на снабдувањето со електрична енергија, гас и пареа, а најмалку во некои деловни дејности, угостителството и градежништвото.

Вашингтон – Јазот во стапката на вработување меѓу американските семејства со највисоки плати и тие со најниски порасна на највисоко ниво, откако се следат тие податоци. Стапката на невработеност кај семејства со најниски плати – кои заработуваат помалку од 20.000 долари годишно околу 15.000 евра, пораснала на 21 отсто, што е речиси еднакво на стапката од 1930-тите години и периодот на Големата депресија, пренесе агенцијата АП. Меѓу американските домаќинства со плати поголеми од 150.000 долари годишно околу 113.000 евра, стапката на невработеност е 3,2 отсто, т.е. на ниво кое обично се дефинира како полна вработеност.

Берлин – Претседателот на Европската централна банка ЕЦБ Марио Драги ги повика владите на земјите на еврозоната да направат повеќе за поттик на инвестициите. Според Драги, поттикот на инвестиции е ефикасен начин за зголемување на конкурентноста. Иновациите и инвестициите се алка за стимулирање на производството, рече Драги на деловниот собир во Берлин. Тој рече дека е важно да се поттикнува растот, да се отвораат работни места, како и конкурентноста, бидејќи зајакнувањето на стопанствата во 17 земји на еврозоната сеуште е на почеток, дека стопанството сеуште е слабо, а невработеноста превисока.

Берлин – Извршниот директор на Луфтханза Кристоф Франц во мај 2014 година ќе ја напушти таа функција за да претседава со одборот на директори во фармацевстката групација Рош. – Кристоф Франц ја обавести Луфтханза дека нема да го продолжи својот договор – наведено е во соопштението на таа авионска компанија, пренесе Франс прес. Како што наведе компанијата Рош, Франц треба да го замени сегашниот директор Франц Б. Нумер, кој планира да се повлече во почетокот на идната година.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП