Од денеска стапува на сила законската измена со која се поедноставија процедурите за поставување на фотоволтаици, откако граѓаните и компаниите реагираа дека има огромна документација за производство на сопствена електрична енергија користејќи го сонцето. Со измените, граѓаните и стопанството ќе можат по поволни услови и побрзо да постават фотоволтаици – до 6 киловати за домаќинство и до 40 киловати за фирмите, без административни постапки и без да се чека одобрение за градба од локалната самоуправа.
За поставувањето, треба да се извести Општината, каде се доставуваат потребните документи, заедно со копија од лична карта за граѓаните, а за фирмите извод од Централниот регистар. Се доставува и имотен лист за куќата или објектот на кој се поставува, како и основен проект, а општинските инспектори ќе извршат контрола дали фотоволтаиците се поставени согласно предвиденото во проектот. Ако куќата е на едно лице, а фотоволтаиците ги поставува друг во домаќинството или пак се поставува на куќа под кирија, потребна е и согласност од сопственикот на проектот.

