12 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКога автобусите ќе стивнат.....

Кога автобусите ќе стивнат…..

Граѓаните на Скопје за прв пат денеска останаа без автобусите на ЈСП. Градскиот крвоток како што го нарекуваат јавниот превоз во главниот град денеска застана. Стотици автобуси од утрово не се на улиците, туку останаа во гаражите на Јавното сообраќајно претпријатие. Причина за овој потег на возачите е повеќе од очигледна, немаат земено плата, а се жалат и на условите во кои работат.

Колатерална штета на целата ситуација се граѓаните кои редовно го користат јавниот превоз, а притоа имаат купено и месечни билети. На социјалните мрежи врие од реакции, а на булеварите низ Скопје е метеж речиси цел ден. Во позадина на целиот проблем наѕира и политика. А работниците не ги интересира кој е крив за ситуацијата, туку кога ќе однесат дома парче леб за своите деца.

Од рано утрово работниците дојдоа во гаражите, но не влегоа во автобусите. Заедно со синдикалците тие се одлучни дека нема да работат се додека не видат пари на нивните сметки. Помеѓу работниците беше и директорот на ЈСП, но синдикалците него го обвинуваат за вршење притисок врз работниците.

„Дојдовме да работиме, ама плати не видовме дека вие вчера обезбедивте. Јас вчера присуствував на Советот, но вас директоре не Ве видов да излезете на говорницата и да кажете дека денеска правиме притисок ние. А вие паркиравте автобуси пред влада. Директоре Вие не сте синдикат со секретарот на Град Скопје, ние сме синдикат. Пред Влада не штрајкуваат работниците, штрајкувате вие. На секој оној работник на кој ќе му се заканите, директорот, раководството, и сите останати кои изиграваат тука некои пајташи, да баш пајташи, ќе дојде една партија ќе донесе свој шериф, ќе дојде друга свој шериф. Помина тоа време, дојдоа тешки времиња за нас работниците се помалце не има. Затоа апелирам, денеска ќе седиме на нашите работни места, не работиме, гладни сме и натрупани со еден тон проблеми. 

Од ЈСП пак обвинуваат дека синдикалците не им дозволуваат на возачите да си ја вршат работата. Поради ова, тие најавуваат поднесување на соодветни кривични пријави против лицата кои го попречуваат редовното функционирање на јавното претпријатие и го држат во заложништво Скопје и скопјани.

„Од утринава, дваесетина луѓе од ССМ и т.н. независен синдикат на ЈСП спречуваат возачите на автобуси редовно да си ги вршат своите работни задачи, спротивно на член 35 од Законот за Јавните претпријатија со кои се уредува начинот на штрајк. Овие дваесетина лица немаат штрајкувачки одбор, ниту пак имаат пријавено редовен штрајк. Дури и во случај да го имаа редовно пријавено штрајкот, истите согласно Законот за јавни претпријатија мораат да обезбедат редовно функционирање на претпријатието додека трае штрајкот“, велат од ЈСП.

Од Градот Скопје под чија надлежност е Јавното сообраќајно претпријатие велат дека донеле одлука за пренамена на средства за исплата на септемвриската плата на вработените во ЈСП. Од Град Скопје велат дека бараат членовите на управниот одбор на ЈСП назначени по предлог на ВМРО-ДПМНЕ да си поднесат неотповикливи оставки поради доведување во заблуда на дел од вработените во претпријатието и предизвикување на прекин на работните задачи на вработените.

„Ги повикуваме советниците од Советот на град Скопје уште веднаш, денес, да закажат вонредна седница на Советот како би можело веднаш да се изгласа ова решение и веќе утре вработените во ЈСП да ги добијат своите плати, кои, ќе бидат исплатени во рамки на законскиот рок, а не задоцнети. Сакаме да апелираме до оние кои ги инструираа дел од т.н. синдикалци да обезбедат правна помош за истите, бидејќи спротивно на Законот за јавни претпријатија и работнички права денес ја попречија работата на ЈСП без притоа да пријават штрајк и да формираат штрајкувачки одбор со што согласно чл.35 од горенаведениот закон се и кривично одговорни“, велат од Град Скопје

Од ВМРО-ДПМНЕ излегоа денеска со соопштение во кое се наведува дека градоначалничката на Скопје Данела Арсовска се обидува да најде виновник, а таа самата не превзема одговорност. Од партијата побараа Арсовска да си поднесе оставка.

„Вчера за Арсовска беше виновна владата, а денес е виновен Управниот одбор на ЈСП кој што наводно го упропастил претпријатието. А Управен одбор одлучува по материјали што ќе му ги достави директорот. И додека Арсовска се договара со себе кој е виновен, ЈСП пропаѓа. Денес 1.000 семејства се без плата, а 1.000.000 граѓани без превоз, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ЈСП пред два дена апелираа Владата, општините и сите должници кон претпријатието во најкус можен рок да ги исплатат своите обврски со цел да се овозможи нормално функционирање на претпријатието. Според информациите кои ги истакнаа во моментов, Министерството за образование има долг кон ЈСП околу два милиони евра за бесплатниот превоз на учениците и студентите. Дополнително велат дека неколку скопски општини му должат на ЈСП околу 650 илјади евра. Но од ресорното министерство соопштија дека таков долг тие немаат.

Од Министерството за образование велат дека владата може да донесе одлука за посебни погодности за студентите, како што се студентска картичка за попусти, бесплатен градски превоз и друго, при што средствата се обезбедуваат од државниот буџет. Но, оваа календарска година, велат дека не е донесена ваква одлука, од причина што во зимскиот семестар од студиската 2021/2022, студентите не посетуваа настава со физичко присуство на единиците во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

„МОН ќе предвиди средства во својот буџет за 2023 година за превоз на студенти и доколку наставата продолжи со физичко присуство, по усвојување на владина одлука, истите би биле префрлени на ЈСП“, се посочува во соопштението“, велат од Министерството за образование и наука.

Вработените во ЈСП не ја добиле платата за септември. Денеска има нов обид, на седница на Советот на Град Скопје, на која треба да се донесе одлука од која ставка од буџетот ќе се пренаменат пари за плата во ЈСП.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП