23 април, 2024
ПочетнаАВТОБИЗВраќање на традицијата, деби на новиот „BMW M2“ (ФОТО/ВИДЕО)

Враќање на традицијата, деби на новиот „BMW M2“ (ФОТО/ВИДЕО)

Окорените љубители на „BMW“ не се баш најсреќни поради одредени промени што ги носат новите модели на баварскиот производител во последните години. Серијата „1“ го загуби задниот погон и е ограничена на три и четири цилиндри, а фокусот се повеќе е на електричните модели предводени од кросоверот „iX“. Да не зборуваме за огромните „бубрези“.

Сега работите се менуваат со пристигнувањето на новиот „M2“, кој повторно му дава приоритет на традиционалното уживање во возењето на „BMW“.

Според многумина, најдобро дизајнираниот модел во линијата „М“ доби наследник. Во продажните салони ќе пристигне во април 2023-та година, а според последните информации ќе биде значително поскап.

Имено, „BMW M2 Competition“ во Германија се нудеше за 62.500 евра, а новиот „M2“ започнува од 72.800 евра.

Поставен на механичката платформа „CLAR“, новиот модел порасна, но сепак се вклопува во компактни димензии. Должината е 4,58 m, што е за 20 cm помалку од „M4“.

Она што нè радува е тоа што новиот „M2“, со ширина од 1,87 m, е за 3,3 cm поширок од неговиот претходник.

Освен ширината, на око привлекуваат и правоаголните детали, особено напред каде што прво привлекуваат големите отвори за воздух.

Агресивен изглед со јасен приказ на „мускули“ е особено видлив кај калниците кои дополнително се издолжени на страните на возилото.

Силуетата е препознатлива со 19-инчни алуминиумски тркала напред и 20-инчни назад, додека композитните сопирачки не се ни нудат како опција.

Во задниот дел доминираат четири издувни цевки и повторно квадратни форми.

Под капакот на багажникот со интегриран спојлер се наоѓа багажник со 390 литри употреблив волумен.

Во кабината нема изненадувања. Германска прецизност и квалитет со изборни карбонски седишта – карактерот на овој автомобил е јасно прикажан.

Дигиталниот кокпит се состои од 12,3-инчен екран пред возачот и 14,9-инчен екран во средината, за потребите на мултимедијалниот систем.

Се нуди целиот опсег на телеметрија, како и различни режими на работа, од „Road“ до „Track“ и „M Mode“.

Моторот произведува помалку коњски сили од „М3“ и „М4“, но сепак има доста. Со 460 ks и 550 Nm ретко кој ќе се разочара.

А најдобриот дел е што мануелниот менувач е стандарден дел од опремата, додека осумстепениот „ZF“ автоматски е на листата на опции. Погонот, се разбира, е исклучиво на задните тркала.

И, конечно, една лоша вест – „М2“ порасна и се здебели, па сега тежи 1.700 килограми.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП