28 март, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Nestle“ со 1 милијарда долари ќе го заштити кафето од климатските промени

„Nestle“ со 1 милијарда долари ќе го заштити кафето од климатските промени

Најголемата светска компанија за кафе „Nestle“ ќе инвестира над 1 милијарда швајцарски франци (1 милијарда долари) до 2030-та година за да се охрабрат земјоделците кои го снабдуваат неговиот бренд „Nescafe“ да прифатат поодржливи земјоделски методи бидејќи климатските промени и екстремните временски услови ги загрозуваат посевите, пишува „Bloomberg“.

„Nestle“ ќе понуди обука за најдобрите техники на садење, како и парични стимулации за да ги мотивира земјоделците да преземат акција, како што е садење покривни култури за заштита на почвата. Со широка мрежа од над 500.000 фармери кои произведуваат кафе за „Nescafe“, компанијата има намера да го удвои бројот на добавувачи со кои работи за слични прашања на најмалку 200.000.

Залихите на кафе се загрозени од климатските промени: зрната се одгледуваат во близина на екваторијалниот појас, кој е најподложен на екстремни временски услови, вклучувајќи суши и урагани. Зголемените температури се долгорочна закана и ќе ја намалат областа погодна за одгледување кафе до 50% до 2050-та година, според Интерамериканската банка за развој. Силните мразови во Бразил ја намалија жетвата од минатата година и го ограничија потенцијалот за 2022-ра година.

„Нема да имаме остварливи фарми за кафе за 20 или 30 години ако не дејствуваме сега“, рече Дејвид Рени, шеф на бизнисот за кафе на „Nestle“.

Затоа „Nescafe“ ги засилува своите напори за поддршка на земјоделците кои се движат кон повеќе регенеративни практики. Преку обука, техничка помош и високоприносни растенија, „Nescafe“ може да им помогне на земјоделците да го подобрат здравјето на почвата, плодноста на растенијата и употребата на вода, рече Рени.

„Nescafe“ има за цел да го набави целото свое кафе на еколошки одговорен начин до 2025 година, од 82% во 2021-ва година. Исто така, сака петтина од него да се одгледува со регенеративни методи до 2025-та година и половина до 2030-та година.

Примерите за тоа што ќе направи програмата вклучуваат замена на дрвјата од кафе со видови отпорни на болести и клима, што може да помогне во подмладување на површините за кафе и да се зголеми приносот за земјоделците. „Nestle“ нуди стимулации и премии за одговорно производство на зрната бидејќи недоволно земјоделци сами ги спроведуваат таквите мерки.

Со повеќе од 5.500 шолји „Nescafe“ испиени ширум светот секоја секунда и продажба од над 10 милијарди франци, „Nescafe“ е влијателен купувач на кафе, купувајќи 8 до 9% од зелените зрна во светот. Меѓутоа, правењето кафе поодржливо е сложено прашање. Инвестирањето во регенеративни практики може да биде ризично и скапо за самите сиромашни земјоделци, најмногу поради нестабилноста на пазарот и шпекулациите.

Повеќе од 80 отсто од семејствата кои одгледуваат кафе живеат на или под прагот на сиромаштија, според непрофитната организација „TechnoServe“. Тие, исто така, се борат со забрзаната инфлација, притискајќи ги нивните домашни буџети.

За разлика од премиум брендот на „Nestle Nespresso“, кој веќе обезбедува повеќе од 90% од своето кафе одржливо, производите на „Nescafe“ се посилно се натпреваруваат по цена, ограничувајќи ја неговата способност значително да го зголеми износот што им го плаќа на земјоделците за нивната жетва.

Новиот план се надоврзува на претходните напори за одржливо одгледување на кафето што започна пред 12 години, во кое беа вклучени околу 100.000 фармери.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП