Рускиот претседател Владимир Путин во средата и се обрати на нацијата и упати нова нуклеарна закана за Западот. Тој го обвини Западот дека планира да ја уништи Русија.
„Имаме и оружје за масовно уништување, помодерно од НАТО. Ако нашите луѓе треба да бидат заштитени, ние ќе ги заштитиме. Не блефирам“, рече Путин.
Употребата на нуклеарно оружје е последната мерка што Русија би можела да ја искористи, а експерти од САД тврдат дека има некои знаци кои ќе откријат дали Путин подготвува нуклеарен напад.
Ханс Кристенсен, директор на Проектот за нуклеарни информации при Федерацијата на американските научници, изјави за Newsweek дека Путин би можел побрзо да дејствува со оружје со долг дострел, кое е веќе на подготвеност, наместо со оружје со краток дострел.
Активноста на местата за складирање боеви глави кои потоа би биле натоварени на камиони и хеликоптери и зголемената активност меѓу специјално обучените единици кои можат да ракуваат со ова оружје би значело дека Путин се подготвува за напад од краток дострел.
Од друга страна, употребата на оружје со долг дострел може да се очекува доколку копнените мобилни фрлачи, ракетните подморници или крстосувачките ракети се распоредат во поголем број од вообичаеното.
Кристенсен наведува дека доколку тоа се случи, би имало низа видливи активности во системот за нуклеарна команда и контрола и општите комуникации кои би укажале дека нешто се случува.
Според Федерацијата на американски научници, Русија го има најголемиот инвентар на нуклеарни боеви глави во светот со вкупно 5.977 парчиња. На второ место се САД со 4428, а потоа следи Франција со 290. Сепак, точниот број на боеви глави што ги поседува Русија не е познат поради безбедносни причини.
Следењето на нивоата на нуклеарната активност е норма уште од Студената војна, изјави за Newsweek Џон Ерат, висок политички директор во Центарот за контрола на оружјето.
Американската војска може да одговори за неколку минути
Кога Путин се закани со нуклеарно оружје во март, немаше никаква активност на теренот, што значи дека рускиот лидер навистина не подготвувал нуклеарен напад, според Кристенсен. Тој смета дека експертите ќе продолжат да ги набљудуваат овие активности за да утврдат колку била сериозна неговата закана вчера.
Тој додаде дека американската војска има околу 1.000 оружја подготвени да пукаат во рок од неколку минути, така што би била добро подготвена да одговори доколку Путин започне напад.
Портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби во средата изјави дека ќе има „сериозни последици“ доколку Русија одлучи да употреби нуклеарно оружје, но дека американските разузнавачи „немаат знаење“ дека настаните во Украина можат да ескалираат на ова ниво во овој момент.
Западот ги осуди заканите на Владимир Путин, а Ерат посочува дека светските лидери ќе бидат многу внимателни што ќе кажат бидејќи ниту еден лидер, вклучително и Путин, „не сака да биде одговорен за започнување на голем нуклеарен конфликт“. Тој додава дека дел од опасноста е тоа што Путин не блефира и светските лидери мора да го сфатат сериозно и да се подготват.
„Но, мислам дека она што тој се обидува да го направи е да ја искористи заканата од нуклеарно оружје, што сите знаат дека Русија го има во изобилство, за да ги натера другите земји да ја преиспитаат својата поддршка за Украина“, рече Ерат.