19 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Siemens“ ја отвора најголемата фабрика за „зелен водород“ во Германија

„Siemens“ ја отвора најголемата фабрика за „зелен водород“ во Германија

Германскиот индустриски гигант „Siemens“ најави отворање на најголемата фабрика за производство на таканаречен „зелен водород“ во земјата. Се очекува фабриката да произведува 1.350 тони водород секоја година, пренесува „CNBC“.

„Siemens“ објави дека објектот ќе користи енергија од ветер и сончева енергија од енергетскиот парк Вунзидел во Горна Франконија. Водородот ќе се произведува со помош на електролизер со моќност од 8,75 мегавати. Според најавата на компанијата, водородот ќе се користи првенствено во индустриските и трговските претпријатија во регионот, но и во патниот транспорт.

По пуштањето во употреба на фабриката, таа ќе биде предадена на операторот „WUN H2“, во кој „Siemens Financial Services“ има удел од 45%. „Riessner Gase“ и комуналната компанија „Stadtwerke Wunsiedel“ поседуваат 45% и 10% од акциите соодветно.

„Разговорите за проширување на капацитетот на централата на 17,5 мегавати веќе се во тек“, коментираат од „Siemens“.

Водородот, кој Меѓународната агенција за енергетика го опишува како „универзален енергетски носител“, има различни примени и може да се користи во широк опсег на индустрии.

Може да се произведува на неколку начини, еден метод вклучува употреба на електролиза, каде што електричната енергија ја дели водата на кислород и водород.

Ако енергијата што се користи во овој процес доаѓа од обновлив извор како што е ветерот или сонцето, произведениот водород се нарекува „зелен“ или „обновлив“. Меѓутоа, во денешно време, најголем дел од производството на водород се заснова на фосилни горива.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изрази поддршка за водородот за време на нејзиниот говор за состојбата на Унијата. Според неа, целта за 2030-та година е капацитетот за производство на водород од обновливи извори на ЕУ да достигне 10 милиони тони годишно.

За таа цел, фон дер Лајен најави и создавање на Европската банка за водород, која се очекува да инвестира 3 милијарди евра за поддршка на идниот пазар на водород.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП