6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУставните судии одлучуваат дали работниците во недела ќе бидат со семејствата или...

Уставните судии одлучуваат дали работниците во недела ќе бидат со семејствата или на работа!

Уставните судии денеска решаваат за судбината на македонскиот работник. Од нивната одлука зависи дали во недела работниците ќе одмораат или газдите ќе имаат законско право да ги ангажираат на работа. Иницијативата за оспорување на уставноста за недела неработен ден е доставена од Стопанската комора, иако од ова бизнис здружение соопштија дека иницијативата ќе ја повлечат. Синдикалците се разочарани од односот на работодавачите.

Од Сојузот на синдикати на Македонија за Денар велат дека Стопанска комора иако јавно вети, ја излажа Владата и не ја повлече иницијативата за недела неработен ден поднесена пред Уставен суд на Македонија. Недела неработен ден беше барање на ССМ, а ветување на СДСМ односно нивно предизборно ветување. Сега прашањето на синдикалците е дали Уставниот суд, ќе застане на страната на Уставот и работниците или ќе донесе одлука која ќе значи карта во еден правец на најголем број на работници во државата и ќе им овозможи во иднина на газдите сами да си работат во недела и да не си плаќаат за работата во недела.

„Владата и Премиерот Ковачевски очигледно не се разбрале добро со нивните партнери и со сервилниот однос кон газдите ќе ги избркаат и оние малку работници кои останаа во Македонија да работат. Газдите прават огромен притисок да се укине недела неработен ден иако досега не се пријавени ниту евидентирани негативни импликации кон бизнисот од ова работничко право, а единствено пријавувани се работодавачи кои го прекршуваат Законот, па доколку Уставниот суд подлегне под притисоците на газдите. Одлуката на Уставниот суд ќе значи легализирање на незаконието и кршењето на законите и тоа повторно на штета на работниците и фрапантно кршење на Уставот од самиот Уставен суд“, велат за Денар од ССМ.

Синдикалците наведуваат дека работниците веќе го чуствуваат бенифитот од ова право, познато како ден на неделен одмор. Додаваат дека секој вработен има право на платен неделен одмор и дека од тоа право работниците не смеаат да се откажат, а работодавачите не смеат да го ограничат. Нагласуваат дека на секоја држава и се потребни здрави работници и граѓани, а тоа особено дојде до израз во последните две години за време на ковид пандемијата,  недвосмислено се докажа дека без здрави работници и граѓани не може да се обезбеди опстанок на државата, ниту да се одржат  економските  и општествените процеси.

„Сојузот на синдикатите на Македонија како репрезентативен синдикат и национален социјален партнер во државата беше иницијатор и најголем поддржувач на законските измени со кои денот недела е уреден како неработен ден за најголемиот број на вработени во државата и затоа нагласуваме дека недела конечно е ден на неделен одмор и е реалност колку и тоа на одредени работодавачи да не им се допаѓа. Наша правна водилка во обезбедувањето на ова право беа националните и меѓународните закони и документи: Уставот и работно правното законодавство на државата, Општа декларација за човековите права, Европската конвенција за заштита на правата,Конвенцијата за неделен одмор и др.“, додаваат од ССМ

Сојузот на синдикати на Македонија го повикува Уставниот суд веднаш да ја отфрли иницијативата на Стопанската комора која според нив е спротивна на Уставот. Од ССМ потсетуваат дека довербата во судството според истражувањата е 6%, а доколку се прифати иницијативата на газдите, довербата ќе се сведе на 0% доверба во судството, ако работниците знаат дека судовите не ги штитат од кршењето на законите, туку го озаконуваат  незаконието.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП