22 април, 2025
ПочетнаКОМПАНИИ„Electrolux“ очекува намалување на профитот

„Electrolux“ очекува намалување на профитот

Шведската компанија „Electrolux“ најави дека планира да ги намали трошоците. Исто така, предупреди дека нејзиниот профит ќе се намали бидејќи високата инфлација и ниската доверба на потрошувачите ќе ја погодат побарувачката за нејзините домашни апарати. Веста доведе до пад од 7% на цената на акциите на компанијата.

Побарувачката за главните апарати во Европа и САД значително забави во фискалниот трет квартал во споредба со вториот, а големите нивоа на залихи кај трговците на мало, како и нерамнотежата во синџирот на снабдување ги зголемуваат трошоците и неефикасноста, велат од „Electrolux“.

„Групната добивка за третиот квартал се очекува да биде значително помала отколку во вториот квартал од 2022-ра година, со исклучок на еднократните трошоци поврзани со излегувањето од рускиот пазар“, се вели во соопштението на „Electrolux“.

Во кварталот април-јуни, компанијата забележа послаба од очекуваната оперативна добивка од 560 милиони шведски круни (53,4 милиони долари), погодена од загубата на нејзиниот бизнис во Северна Америка и ограничувањата на синџирот на снабдување.

Најголемиот европски производител на апарати за домаќинство рече дека намалувањето на трошоците ќе се случи првенствено на Стариот континент и Северна Америка, што ќе даде значителен позитивен придонес во финансиските резултати за 2023-та година.

„Програмата, која започнува веднаш, ќе се фокусира на намалување на варијабилните трошоци, со посебен фокус на елиминирање на неефикасноста на трошоците во нашиот синџир на снабдување и производство“, велат од компанијата.

„Electrolux“ соопшти дека го назначил својот шеф за Латинска Америка, Рикардо Конс, да раководи со програмата за преструктуирање на бизнисот, со што ќе стане менаџер на нејзините операции во Северна Америка.

Компанијата соопшти дека дополнително ќе ги коментира своите цели за намалување на трошоците за 2023-та година во својот финансиски извештај за третиот квартал, кој треба да се објави на 28-ми октомври.

„Electrolux“ соопшти дека одборот нема намера да започне со откуп на акции пред годишното генерално собрание следната година.

Цената на акциите на компанијата падна за 1,4% по веста.

Претходно, „Electrolux“ соопшти дека ќе го продаде својот руски бизнис на локалното раководство, откако ги прекина операциите во Русија поради избувнувањето на војната во Украина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП