6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБизнисмените бараат финансиска помош од Владата само за компании кои нема да...

Бизнисмените бараат финансиска помош од Владата само за компании кои нема да можат да го издржат енергетско – ценовното цунами

Бизнисот и властите секојдневно се во комуникација за изнаоѓање на нови мерки за спас на економијата која е сериозно погодена од енергетската криза. Стопанството и граѓаните бараа олеснети процедури за монтирање на фотоволтаици, и добија. Потоа од власта бизнисмените побараа ограничена маржа на трговците за струја, сега и тоа е реалност. Следното барање кое го испрати Организацијата на работодавачи до Илинденска број два е да се помогнат фирмите финансиски, но само оние кои немаат кондиција да го издржат ова енергетско – ценовно цунами.

Бизнисот апелира до Владата, доколку се подготвуваат финансиски мерки за помош на стопанството тоа да се стори многу повнимателно од делењето на финансиската помош за Ковид кризата. Од Организацијата на работодавачи на власта и предлага, како антикризна мерка да има финансиска помош само за фирми кои нема да можат да ја поминат зимата, не за сите. Владата треба да помогне по критериум и тоа колку учествува струјата во вкупните трошоци и вториот критериум да биде колку учествува стујата во вкупната добивка и да им се помогне, на оние кај кои тоа е на високо ниво. Засега владата нема одвоено пари за помош на стопанството, како што се помагаат домаќинствата и малите снабдувачи, додека големите индустриски капацитети се снабдуваат на отворениот пазар. Тоа според приватниот сектор е голем товар во моментов за одржување на ликвидноста на фирмите.

„Оние компании кои струјата ја користат само за осветлување, нивното учество во цената на производот, или во вкупните трошоци се мали. Ако тоа учество е до 10 отсто, со пет пати поголема цена на струјата вие веќе имате 50 отсто и тука се отвора прашањето за опстанок. Ако имате учество на електричната енергија два или три отсто во вкупните трошоци со моменталното покачување на цената струјата ќе се стигне до десет отсто. И тоа компаниите можат да го надокнадат со одредено штедење, и со намалување на другите трошоци. Така да, мора да се помогне само на компании кои имаат навистина проблем за опстанок“, велат за Денар од Организацијата на работодавачи.

Доколку владата не наиде на разбирање за ова барање, кај оние компании кај кои струјата драстично учествува во технолошкиот процес, сигурно ќе мора да затворат. Нивните производи нема да го издржат тој товар, или тоа почакување на цените, сметаат стопанствениците. Како образложение за ова бизнисмените ги наведуваат мерките на дел од државите од регионот и пошироко кои на своите домашни компании им обезбедиле поевтина струја и на тој начин нивните производи се поконкурентни од оние кои се произведуваат во македонските фабрики. Поисплатливо според Организацијата е три месеци да не работат фабриките, работниците да бидат на принуден одмор, и потоа од пролет повторно да ги отворат погоните. 

Добро е тоа што владата се обидува да набави реагенски за следнава зима, велат од Организацијата на работодавачи, свесни се сите дека земјава не може да ги задоволи потребите од домашното производство. Бизнисмените наведуваат дека најдобро е сега да се набави мазут за Термоелектраната во Неготино, бидејќи во зимските месеци транспортот е потежок, но и навремено да се купи и јаглен за РЕК Битола. Од ОР стравуваат од можни ризици и хаварии со образложение дека производствените капацитети на електраните се доста стари. Позитивни вести се тоа што се преговара со Бугарија за дистрибуција на струја во Македонија која е извозник на струја.

„Ако соседните држави со кои ние имаме интерконекција имаат проблеми со снабдување со струја, автоматски тие ќе го прекинат дотокот на струја со нас и ќе биде тоа најголем проблем“, додаваат од Организацијата на работодавачи.

За еден месец и официјално ќе започне грејната сезона,  а со тоа ќе се зголемат и проблемите и предизвиците во делот на набавката на електричната енегија, на компаниите, институциите но и на домаќинствата. Според најавите, од Нова година ќе има ново зголемување на цената на електричната енергија.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП