19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКако да се заобиколат правилата на ЕУ за Бугарија да и продаде...

Како да се заобиколат правилата на ЕУ за Бугарија да и продаде струја на Македонија?!

Денеска ќе започнат главните преговори помеѓу Македонија и Бугарија за дистрибуција на електрична енергија во текот на зимските месеци. Во текот на денов треба да бидат објавени и претставени членовите на работната група од двете земји кои ќе работат на планот. Според информациите станува збор за електрична енергија која од Бугарија ќе биде испорачана во земјава, а ќе биде наменета за македонското стопанство, поточно за големите компании кои излегуваат на слободниот пазар.

Информациите до кои дојде Денар се дека Комисијата за енергетика која од денеска ќе преговара за купување на струја од Бугарија ќе биде сочинета од претставници на Министерството за економија, од ЕСМ како и од владини претставници, односно советници за енергетика. Од бугарска страна пак ќе има преставници на Министерството за енергетика, и претставници на компании од енергетскиот сектор на Бугарија. Главниот предизвик на работната група е како да се заобиколи регулативата на Европската унија според која електричната енергија мора да се продава единствено на берзи, а не преку билатерални договори на две држави. Сепак постои оптимизам дека работите може да се решат во корист на нашата држава, односно да биде договорено етапно купување на струја од Бугарија. Освен начинот на дистрибуција, денеска ќе се водат разговори и за цената по која ќе се купува струјата од Бугарија но и на колку време ќе се прават дистрибуциите од Бугарија кон Македонија.

„Првично разговаравме за количините кои се потребни кај нас, со оглед на тоа дека Република Бугарија е извозник на електрична енергија благодарение на капацитетите кои ги имаат, особено електрична енергија произведена од нуклеарна централа. Веќе имавме состанок што беше одржан во духот на добра волја. Во таков дух на добра волја се надеваме дека работната група во наредните помалку од две недели ќе имама решение кое ќе биде од обостран интерес, и на стопанствата и на едната и на другата држава“, велат од Владата

Првичните најави се дека од Бугарија во Македонија ќе влезат 200 мегавати електрична енергија заклучно крајот на март. Оваа струја според информациите ќе биде наменета за стопанството на земјава.

Во текот на вчерашниот ден беше одржана и седница на Советот за безбедност на Македонија. Владините претставници на чело со премиерот Димитар Ковачевски го информираше претседателот на државата Стево Пендаровски за мерките и активности кои досега ги спроведе централната власт во борбата против енергетската криза, но и плановите за периодот што следи. Освен задолжителните мерки за штедење на институциите кои се под државна капа, и препораките за рационално трошење на струјата во приватните фирми и домаќинствата, надлежните го информираа шефот на државата и за производствените капацитети на земјава. Планот е да се зголеми производството за 25 отсто. Тоа ќе се реши со зголемена набавка на јаглен, мазут, природен гас и дизел гориво кои се потребни за производство на електрична енергија. Властите уверуваат дека сите електрани ќе бидат ставени во функција. Но, се стравува од ризици и можни хаварии, бидејќи добар дел од носечките електрани во Македонија се стари и до 50 години.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП