19 април, 2024
ПочетнаАВТОБИЗЕвропскo деби на „Nissan X-Trail“ кој ќе има електричен мотор (ФОТО/ВИДЕО)

Европскo деби на „Nissan X-Trail“ кој ќе има електричен мотор (ФОТО/ВИДЕО)

Иако беше претставен во САД во 2020-та година, каде што се продава под името „Rogue“, новиот „Nissan X-Trail“ на европскиот пазар пристигнува со задоцнување од две години.

Јапонскиот теренец со три реда седишта и опционален погон на четири тркала во Европа има електрифициран погон, а трицилиндричниот турбо-бензинец служи исклучиво како генератор на електрична енергија што го придвижува електромоторот.

Тоа е таканаречениот хибриден погонски систем „e-Power“, кој претходно го видовме во 2021-ва година кај новиот „Nissan Qashqai“.

Новиот „X-Trail“ за Европа визуелно не се разликува од американскиот „братучед“, а производителот наведува дека третиот ред седишта е наменет за луѓе високи до 160 сантиметри, што практично значи дека на нив можат да се возат само деца.

Вториот ред на седишта е поделен 60:40 и може да се помести напред за полесен пристап до третиот ред. Со сите потпирачи за грб во исправена положба, капацитетот на багажникот е 585 литри, односно 20 литри повеќе отколку во моделот од претходната генерација.

Кога станува збор за погонот, 1,5-литарскиот трицилиндричен мотор не ги придвижува директно тркалата, туку служи за производство на електрична енергија што го напојува електричниот мотор.

Електричната единица произведува 201 ks и 330 Nm вртежен момент достапни во секое време, исто како кај чисто електричните автомобили.

Новиот „X-Trail“ забрзува до 100 km/h за само 8 секунди.

За оние кои имаат потреба од погон на 4 тркала, „Nissan“ ќе понуди ваква верзија и во Европа.

Овој автомобил има два електромотори со вкупна комбинирана моќност од 201 „коњ“, а од 0-100 km/h забрзува за 7 секунди, кога станува збор за верзијата со 5 седишта или 7,2 секунди во верзијата со 7 седишта.

Максималната брзина на моделот со еден електромотор е 170 km/h, а на оној со два агрегати е 180 km/h.

„Nissan X-Trail“ веќе може да се нарача на одредени европски пазари, а да речеме дека цената во Италија започнува од 38.080 евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП