24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа индустријата и треба евтина струја, а не препораки за штедење!

На индустријата и треба евтина струја, а не препораки за штедење!

Мерките за штедење на електричната енергија се на сила веќе неколку дена. Според информациите и тоа што може да се забележи на терен институциите кои се под државна капа ги почитуваат мерките. Но остануваат барањата на приватните компании за поддршка на бизнисот со евтина електрична енергија. Ваквото барање доби позитивни коментари и од експертската јавност, со образложение дека многу е важно стопанството, а особено индустријата да не претрпи сериозен удар во зимските месеци кои претстојат. Од владата соопштија дека не се подготвени да трошат државни пари за приватни компании.

Тргнувајќи од фактот што поголем дел од државите од Европа понудија сериозни мерки и субвенции на своите граѓани и на стопанството, се очекуваше дека и македонската влада ќе го стори истото, бидејќи речиси сите мерки кои досега беа донесени дали во време на пандемијата или во оваа енергетска криза беа препишани од надвор, но тоа сега не се случува, вели за Денар консултантот по енергетика Сања Божиновска. Според неа, мерките за штедење кои ги донесе владата се смешни и никако не смееме како држава да се потпреме на нив. Божиновска стравува дека доколку владата не излезе со конкретен план, ќе се оствари црното сценарио на Стопанските комори, а тоа е, голем дел од помалите но и доста поголеми компании ќе згаснат а со тоа огромен број на граѓани ќе останат на улица.  

„Треба да се ограничат цените на електричната енергија за индустријата. Државната компанија ЕСМ треба да понуди струја за индустријата исто како што на приватната фирма ЕВН и дава струја за 41 евро. Актуелниве мерки се само замајување на народни маси. Нека излезат од владата со конкретен план, да се знае колку електрична енергија недостасува и што ќе преземат по тоа прашање“, вели Сања Божиновска консултант за енергетика.

Од владата веќе соопштија дека посебни мерки за приватните компании нема да има. Нивните проценки се дека на слободниот пазар каде сметките за струја достигнуваат и до 800 евра за мегават час се многу малку, за останатите велат дека во просек цената е околу 200 евра за мегават час. Доколку ги почитуваат препораките за штедење ќе имаат и пониски сметки за струја во текот на следниве  месеци.

„Согласно усвоените сет препораки за граѓаните и задолженија за институциите за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија, од 1 септември, државните институции треба да трошат 15 отсто помалку струја споредено со истиот месец лани, во спротивно ќе има санкции за раководителите. Овие мерки ќе важат до 31 март следната година. Раководителите на сите државни и јавни институции и претпријатија, на кои се однесува задолжението, најдоцна до 15ти во тековниот месец, треба да поднесуваат извештај до Влада, за потрошената електрична енергија во претходниот месец, како и податок за споредба за потрошената електрична енергија во истиот месец минатата година“, велат од владата.

Но, од стопанските комори им возвратија на властите дека не им е потребно некој да им каже во време на криза како да се однесуваат. Бизнисмените бараат да се ограничат маржите на трговците кои струјата ја набавуваат од државните електрани и ја продаваат на македонските фирми. За ваква одлика потребни се измени на Законот за енергетика, но засега нема најави од Илинденска број два дека е можен ваков потег кој ќе помогне во борбата против енергетската криза.

Инаку, владата на седница реши да се намалат бирократските процедури за монтирање на фотоволтаиси. Сега тие измени треба да добијат и зелено светло од пратениците во Собранието. И ова беше едно од барањата на граѓаните и на бизнис здруженијата.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП