22 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМожно ли е ограничување на ќарот на трговците со струја?!

Можно ли е ограничување на ќарот на трговците со струја?!

Бизнис секторот и владата ги продлабочуваат преговорите во кои се бара решенија како да се помине зимата која се најавува дека ќе биде најтешка во последниве 70 години. Стопанските комори бараат мерки и субвенции за електрична енергија, а властите според информациите подготвуваат терен за поддршка на стопанството. Се бара модел кој ќе ја ограничи заработката на трговците со електрична енергија кои струјата ја купуваат од државната ЕСМ, а ја продаваат на македонските компании кои пак се излезени на слободниот пазар.

Нема компанија во Македонија која ќе може да ја плати цената на електричната енергија по која што се продава на берзите во Европа, тврди бизнис секторот. Од Сојузот на стопански комори уште еднаш за Денар алармираат дека на македонската економија и се заканува црно сценарио доколку од  разговорите со владата не се најде соодветно решение. Ниту еден производ нема да може да се произведува доколку енергенсите се движат со 600 евра за мегават час, нема таква сила македонската економија, додаваат од ова бизнис здружение. Предлогот на ССК е преку законски измени да се ограничи на одреден период, додека трае оваа криза маржата на трговците со електрична енергија се со цел компаниите да може да набавуваат електрична енергија за да може да функционираат.

„ССК смета дека ЕЛЕМ мора да обезбеди дополнителни количини на енергија од домашно производство за слободниот пазар и на овој начин да изврши одреден позитивен притисок за намалување на енормно високите цени. Исто така да не се дискриминираат компаниите кои се наоѓаат на слободниот пазар во однос на оние на регулираниот. Потоа ЕВН да дава енергетска согаласност во рок од седум до десет дена, а останатата документација да се обезбедува во период од 120 дена.

Од владата посочија дека континуирано му помагаат на стопанството не само во оваа енергеткска криза, туку и во целиот период на пандемија претходно. За барањето на стопанските комори, за замрзнување на заработката на трговците со струја, оние кои електричната енергија ја купуваат од ЕСМ, од Илинденска број два велат дека не е едноставно, за да се реализира тоа барање потребно е менување на Законот за енергетика, но и преговори со трговците.

„Целата енергија која ќе биде произведена ќе биде испорачана на компаниите. Во однос на намалувањето на ДДВ. ДДВ-то е веќе намалено за електичната енергија, ако треба да се намалува повторно, меѓутоа тоа не би имало влијание врз цената на електричната енергија кога знаеме дека таа е над 1 000 евра поставена на слободниот пазар. Што се однесува до маржите на трговците на електрична енергија, прво треба да се направи анализа и тоа од страна на РКЕ за да видиме колку се големи тие маржи и дали воопшто има маржи на овие цени на електрична енергија, така што ова прашање веќе го разгледавме не Економскиот совет“, велат од Владата.

Минатата недела владините министри седнаа на заедничка маса со претставниците на стопанските комори, се со цел да се најдат нови решенија за тоа како ќе се помине зимата. Во периодот што следи закажани се нови средби од кои пред се бизнисмените очекуваат позитивни вести. Доколку биде спротивното се поизвесно е дека многу фирми ќе згаснат а со тоа и голем дел од работниците ќе останат без работа, а тоа значи дека токму тие лица ќе немаат пари за плаќање на сметките за струја која им стасува на домашна адреса. Цените на електричната енергија на берзите во последната недела рушат рекорди. Еден мегават електрична енергија се продава од 500 па се до над 600 евра. Владата веќе донесе и одлука за прогласување на кризна состојба во енергетиката. Целта е енергетските компании да може да добиваат пари од државниот буџет за набавка и производство на струја.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП