Денес е 184. ден од таканаречената специјална операција на руската армија во Украина. Руската армија го продолжува напредувањето кон Миколаев и го интензивира гранатирањето на воената инфраструктура низ Украина.
-Претстојната зима ќе биде најтешка во историјата на Украина поради високите цени на гасот, изјави претседателот на таа земја Владимир Зеленски во своето обраќање до нацијата.
Тој потсети дека цената на „синото гориво“ во Европа скокна над 3.300 долари за илјада кубни метри. Во такви услови, како што рече Зеленски, Киев се обидува да направи се за да се подготви за зимата.
Според него, ситуацијата со гасот е „многу опасна и многу критична“.
Претходно украинските власти најавија проблеми со претстојната грејна сезона. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко ги предупреди жителите на главниот град на Украина за можноста од прекин на електричната енергија. Тој ги повика жителите на Киев да се опремат со топла облека и ќебиња.
Апел до своите сограѓани да купат огревно дрво поради ситуацијата што може да се случи зимава, упати и градоначалникот на Лавов, Андреј Садовои.
Германија одбива да испрати офанзивно оружје во Украина
Германија нема да и доставува оружје на Украина за напади на територијата на Русија, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц, пренесува порталот „Т-онлајн“.
Според него, Берлин ќе дејствува на таков начин што ќе избегне понатамошна ескалација на конфликтот.
-Американскиот претседател Џо Бајден тоа го формулираше сосема јасно: тој рече дека нема да испорача оружје што може да се користи за цел на територијата на Русија. Мислам дека сите останати треба да го следат тој принцип. Нема да дејствуваме сами и секогаш ќе се фокусираме на она што го прават нашите сојузници, нагласи Шолц.
Џабаров: Ќе бидат уништени сите точки од кои се гранатира НЕ Запорожје
Во блиска иднина ќе бидат уништени сите точки од кои е гранатирана нуклеарната централа Запорожје, изјави првиот заменик-претседател на Комитетот за меѓународни работи на Советот на Руската Федерација, Владимир Џабаров.
-Сигурен сум дека војниците ќе знаат што да прават без наш совет. Сепак, се осмелувам да претпоставам дека сите точки од кои е гранатирана нуклеарната централа Запорожје ќе бидат ликвидирани во блиска иднина, напиша сенаторот на својот канал на Телеграм.
Зеленски: Светот за влакно избегна катастрофа во Запорожје
Украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека светот за влакно избегнал нуклеарна катастрофа и дека снабдувањето со електрична енергија од украинската нуклеарна централа Запорожје со часови било прекинато поради руското гранатирање во областа, што Москва го негираше.
Зеленски објави дека вчерашното руско гранатирање предизвикало пожар во блиската термоцентрала, што предизвикало исклучување на реакторскиот комплекс од електричната мрежа, најголемата нуклеарна централа во Европа, пренесува Ројтерс.
Резервните дизел генератори обезбедија напојување од витално значење за системите за ладење и безбедност на централата, рече тој, пофалувајќи ги украинските техничари кои работат со објектот под надзор на руската војска.
– Доколку персоналот на нашата електрана не реагираше по прекинот на струјата, веќе ќе бевме принудени да се справиме со последиците од радијациската несреќа. Русија ги доведе Украина и сите Европејци во ситуација на чекор од нуклеарна катастрофа, објави Зеленски во вечерното обраќање.