20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКолку ќе им се „заблажи душата“ на граѓаните од најавеното ново благо...

Колку ќе им се „заблажи душата“ на граѓаните од најавеното ново благо зголемување на цената на струјата?!

Уште не „освестени“ за моменталната цена, а веќе властите најавуваат нова повисока цена на струјата од следната година. Надлежните се со план повисоките сметки да ги втурнат преку мала врата со прогласување на кризна состојба во енергетиката. Поскапувањето на електричната енергија е неминовно, но ќе биде благо, уверуваат од ЕСМ. Граѓаните веќе ги добија новите поскапи сметки од последното зголемување на цената, податоците кои ги обезбеди Денар велат дека помалку од еден отсто од домаќинствата влегле во последниот тарифен блок каде висината на сметките е најголема во однос на останатите корисници.

ЕСМ испрати порака до граѓаните со која сака да ги подготви за ново зголемување на цената за електричната енергија која секој месец ја плаќаат. Тоа ќе се случи на крајот на оваа година за кога е закажана нова корекција на цената на струјата. Засега не се знае колкав ќе биде растот, но едно е сигурно, граѓаните од Нова година ќе имаат зголемени трошоци за струја.

„Пред нас престои една од најтешките зими во последните неколку децении. Мораме да бидеме максимално подготвени, ЕСМ ги има ставено во функција сите расположливи капацитети и нема да се увезува електрична енергија, струја ќе има а рестрикциите не се опција“, велат од Државните електрани.

Ваквата информација дополнително ги налути граѓаните кои во време на континуиран раст на трошоците за живот, изреволтирани повикуваат на протести преку социјалните мрежи. Новиот ценовен удар кој го најавија од ЕСМ е само потврда дека инфлацијата нема да се намалува идната година, како што најавуваа домашните власти. Како се движеа зголемените сметки на граѓаните за претходниот месец, од ЕВН Хоум велат не може детално да ни кажат бедејќи според нив јулските фактури за домаќинства не го опфаќаат цел месец јули, односно се комбинација од енергија потрошена дел во јуни и дел во јули. Податоците велат дека во текот на јули фактурирани се 1,5 милиони киловат часови во четвртиот блок, кој се тарифира по највисоки цени. Такви фактури добиле нешто над две илјади домаќинства. Од ЕВН за Денар велат дека и покрај повисоките цени на струјата граѓаните засега не решиле поекономично да ја користат електричната енергија.

„Првичното гледање на дел од податоците кои не се целосни е дека нема значителна разлика во потрошувачката во јули, споредена со истиот месец минатата година, гласи одговорот од снабдувачот на електрична енергија“, велат од ЕВН Хоум.

Најголем револт кај граѓаните предизвикаа информациите дека жители на неколку општини и помали населени места со години не си ги плаќале сметките за струја. Тие загуби на енергетските компании влегуваат, но формирањето на новата цена која речиси секогаш расте и на тој начин фирмите од овој сектор парите си ги наплатуваат од останатите граѓани кои редовно си ги плаќаат сметките. Од ЕВН Хоум велат дека најголеми неплаќачи на сметките за електрична енергија се Арачиново, Грчец, Сарај, Крушопек, Сингелиќ, Серава и Студеничани. 

„Околу 5% од испорачана електричната енергија се користи неовластено, односно се краде. Сите загуби на електрична енергија, техничките загуби и комерцијалните загуби или кражби ЕВН ги набавува на отворен пазар по пазарни цени. Ако земеме пазарна цена околу 300 евра за MWh, а во моментот одат и до 500 евра за MWh трошокот за кражбите на електрична енергија е над 100 милиони евра“, додаваат од ЕВН.

Утре пак на дневен ред на седница на „Илинденска број два“ ќе биде прогласување на кризна состојба во енергетиката. Тоа ќе значи без проблем префрлање на пари од државната каса на енергетските компании ЕСМ и МЕПСО, се со цел навремено обезбедување на средства за производство и набавка на електрична енергија.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП