Борбите продолжуваат во Доњецк, Харков и Николаев. Експлозии и во Белгород. Москва и Киев продолжуваат да се обвинуваат меѓусебно за се посериозните тензии околу нуклеарната централа во Запорожје. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и Стејт департментот бараат демилитаризација на областа околу нуклеарната централа. САД и испраќаат нова воена помош на Украина.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, оцени дека на Русија и се потребни гасоводи „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ за, како што наведе, да ја „снабди“ Европа со проблеми. „На Русија и се потребни текови за да ја снабдува Европа со проблеми, а не да и помогне со гасот“, рече Зеленски во видео обраќањето.
Зеленски смета дека колку подолго „терористичката држава“, како што ја нарече Русија, е присутна на европскиот и светскиот енергетски пазар, толку подолго нема да има стабилност на пазарот.
„И колку побрзо сите во Европа ги подготвуваат своите енергетски системи за воопшто да не добиваат енергенси од Русија, толку побрзо ќе можат мирно да ја чекаат секоја зима“, рече Зеленски.
Русија започна масовна офанзива во Донбас во неколку правци, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина.
Борбите се водат во правец на Славјанск, Краматорск и Бахмут. Се наведува дека руските сили ги гранатираат областите на одредени населени места во тие правци.
Борбите продолжуваат на истокот и југот на Украина. Експлозии одекнаа и во близина на рускиот воен аеродром, северно од Севастопол на Крим. Градот Харков повторно е мета на руските сили, јавуваат украинските медиуми. Експлозии и во складиштето за руска муниција во Белгород.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изјави во Одеса дека електричната енергија произведена во нуклеарната централа во Запорожје, која е под контрола на руските сили, и припаѓа на Украина. Тој апелираше да се смири ситуацијата.
Стејт департментот исто така повикува на демилитаризација на областа околу нуклеарната централа.
Украинската енергетска компанија „Енергоатом“ објави дека руските сили планираат да ги затворат функционалните енергетски блокови во електраната и да ги исклучат од украинската електрична мрежа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија мора безусловно и итно да ги повлече војниците од Запорожје и да престане со провокациите и гранатирањето на тоа подрачје.
Кремљ одговара дека раководството на Украина го изгубило чувството за реалност и дека за политички цели е подготвено да предизвика нов Чернобил во Запорожје.
Претседателот Путин му ја потврдил на францускиот колега Емануел Макрон подготвеноста на Москва, IAEA да ја посети нуклеарната централа во септември.
Соединетите Американски Држави ќе и испратат на Украина нова воена помош во вредност од 775 милиони долари, која меѓу другото ќе вклучува и најмалку 10 дронови за набљудување.