17 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАКаде и да сме, мора да бидеме горди дека сме родени во...

Каде и да сме, мора да бидеме горди дека сме родени во Македонија, порача Стојменова која стана министерка во словенечката влада

Емилија Стојменова Дух, доктор на науки и вонредна професорка на Електротехничкиот факултет во Љубљана, од неодамна е министерка за дигитализација во новата словенечка влада на новиот премиер Роберт Голоб, како прва Македонка. Воедно, таа е и прва министерка во Словенија, која се родила и пораснала во странство.

Во разговор со Агенцијата за иселеништво, Стојменова порача дека без оглед на тоа каде сме, мора да бидеме горди, дека сме родени во Македонија и да ги одржуваме врските со нашата држава. Верувајќи дека културата и уметноста се најсилната врска, таа настојува да одржува контакти со нашите културни уметници и фирми и уверува дека така ќе биде и во иднина.

„Во мојата канцеларија ќе најдете уметнички дела од наши сликари. Ако сакате да ме сретнете во Словенија побарајте ме на концерти и претстави на наши уметници“, вели Стојменова.

Родена во Виница, со стпендија се сели во Словенија во нејзината трета година од гимназиското образование. Вели дека сакала да покаже и докаже дека не е важно од каде доаѓаш, туку дека со труд и работа можеш да постигнеш сѐ што ќе посакаш.

„Не можам да направам споредба помеѓу високото образование во Македонија и Словенија. Од друга страна, во Словенија добиваме одлични експерти од Македонија и тоа од различни сфери, што води до заклучок дека високото образование во Македонија е на високо ниво. Во минатото имав можност да соработувам со колеги од универзитети од Македонија и впечатокот беше секогаш одличен. Можеби најголема разлика е во тоа што студентите во Словенија имаат повеќе можности за стипендии и други поволности, како што се бонови за исхрана и добро средени домови за студенти“, раскажа министерката.

Стојменова Дух е активна во иницијативата за „паметни села“ поддржана од Европската комисија и Европскиот парламент. Таа ја претставува Словенија во мултирегионален проект на Стејт департментот кој избра 50 жени од целиот свет кои се на важни позиции во науката, технологијата и математиката. Вели дека лошата политика на поранешната словенечка влада ја поттикнала да влезе во политиката.

„За жал, во Словенија бевме сведоци на политика, која не ги почитува човековите права, која не ги почитува уставот и останатите правни средства и институции.Словенија, која сите ја познаваме како успешна и напредна држава едноставно веќе не постоеше и така настана моќна цивилна иницијатива, коа бараше широк активен ангажман, буквално од сите“, рече Стојменова.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП