29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРабота има, но нема кој да работи: Туристичко – угостителскиот сектор...

Работа има, но нема кој да работи: Туристичко – угостителскиот сектор пред сериозна закана

Најпогоден од недостатокот на работна сила е угостителско- туристичкиот сектор. Иако, во моментов нема никакви ограничувања, сега нема кој да работи. Многумина од луѓето кои биле дел од оваа дејност биле приморани да заминат, затоа што поради пандемијата долго време функционирањето на овој сектор, беше доведено во прашање.

-Пандемијата и светската криза дефинитивно се уште оставаат траги врз угостителско – туристичкиот сектор. И покрај тоа што повторно се работи без никакви ограничувања, сега сме соочени со еден друг проблем, а тоа е недостаток на работна сила. Голем дел од кадрите, беа приморани во пандемијата да се пренасочат кон некоја сосема друга професија и истите тие поради страв од повторување на состојбата, не се на располагање, вели за “Денар”, Силвана Јовановска, туристички работник.

Туристичките агенции сега  имаат наплив на резервации и полни раце работа, што е разбирливо после тешкиот период кога не можеше да се патува. Но, поради немањето на работници, имаат проблем да ги услужат сите оние кои ќе дојдат.

– Сега мака мачат да ги услужат сите клиенти, и во канцеларија и на терен. Истата слика е и во хотелите и во другите угостителските објекти, каде има недостаток на рецепционери, келнери, персонал и на сметка на тоа услугата секако дека трпи. Уште еден поголем проблем е што професионалните кадри заминуваат во странство на сезонска работа, поради поголемата заработка и тоа најчесто во Хрватска. Истото се случува и во превозниот сектор, каде секој ден е борба за наоѓање на возачи, додава Јовановска.

Сепак, секторот се наоѓа пред уште една неизвесност. Велат, не се знае што ќе се случува од септември, и дали поради ваквите бројки би можело да дојде до воведување на одредени  ограничувања.

-Дефинитивно се наоѓаме пред уште предизвици и не можеме да бидеме на сигурно што ќе биде во блиска иднина, ниту сме во можност да предвидиме дали и кога би се нашол кадар за вработување и истиот да се задржи. Колку и да изгледа дека кризата се надминува, алармот е веќе вклучен, вели Јовановска.

Поради недостаток на работна сила, пред извесно време се донесе одлука да се договорат од Турција околу 5.000 работници. Тогаш, од бизнис секторот побараа државата да го олесни начинот за нивно вработување, затоа што се неопходни за да може нормално да се функционира.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП