22 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАПоради санкциите кон Москва, граѓаните на Европа се принудени на рестрикции! Европјаните...

Поради санкциите кон Москва, граѓаните на Европа се принудени на рестрикции! Европјаните поретко ќе се тушираат за да заштедат гас за зимата

Земјите-членки на ЕУ вчера се договорија за намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто за да ја поминат претстојната зима со намалени испораки на тој извор на енергија од Русија. Од август до март ќе се воведат ригорозни заштеди, што значи помала употреба на клима уреди, поретко туширање, ограничување на струјата и намалување на температурата на греење во домовите под 19 степени Целзиусови.

Ден откако „Гаспром“ објави дека гасоводот Северен тек, кој оди кон Германија, од денеска ќе работи со само 20 отсто капацитет, министрите за енергетика на речиси сите земји-членки на ЕУ во Брисел постигнаа договор за заштеда на гас.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја поздрави одлуката, наведувајќи дека ЕУ е подготвена за претстојната зима.

-Колективната заложба за намалување на потрошувачката на гас за 15 проценти е многу значајна и ќе ни помогне да ги наполниме магацините пред зимата. Тоа е одлучувачки чекор во справувањето со целосниот прекин на снабдувањето со гас. Благодарение на таа одлука, Европа е подготвена да се справи со својата енергетска безбедност како Унија, рече фон дер Лајен.

Таа додаде дека рускиот претседател Владимир Путин ја уценува ЕУ со гас.

-ЕУ обезбеди цврсти основи за незаменлива солидарност меѓу земјите-членки кои се соочуваат со енергетската уцена на Путин. Најавата на „Гаспром“ дека дополнително ја намалува испораката на гас во Европа преку Северен тек, без оправдана техничка причина, дополнително ја илустрира несигурната природа на Русија како снабдувач на енергетски производи, заклучи Фон дер Лајен.

Договорот во моментов е на доброволна основа, но постои можност Европската комисија да ги прогласи заштедите за задолжителни во случај на вонредна состојба. Сè уште не е откриено како членките на ЕУ ќе заштедат 15 отсто од гасот, но се верува дека секоја земја ќе создаде своја листа на ограничувања.

Судејќи според некои ограничувања кои веќе постојат во ЕУ, на Европејците ќе им се забранува ладење до крајот на летото, греење во текот на зимата, улично осветлување и туширање кога сакаат.

Германците, на пример, веќе почнаа да штедат енергија по апелот на министерот за економија Роберт Хебек. Според најновите истражувања, дури 62 отсто од Германците се тушираат пократко и поретко од вообичаеното. Освен тоа, Германците веќе почнаа да штедат струја, па така познатите згради, меѓу кои и Бранденбуршката порта и палатата Белви, резиденцијата на претседателот, веќе не светат ноќе.

Магацините полупразни

Во другите земји, како Италија и Шпанија, граѓаните добија совет да не користат климатизери и покрај рекордните температури летово. Во некои земји граѓаните се предупредуваат дека од есен ќе се воведат рестрикции за електрична енергија во домовите, а температурата на греење во текот на зимата, доколку воопшто ја има, нема да надмине 19 степени Целзиусови.

Сепак, многумина прогнозираат дека заштедите од 15 проценти малку ќе и помогнат на Европа да ја преживее зимата без руски гас. Во моментов магацините во ЕУ се полни 66 отсто, а за да помине зимата што побезболно потребно е да бидат полни најмалку 85 отсто. Со намалените испораки на гас од Русија, никој не е голем оптимист дека оваа цел ќе се постигне.

Цената на гасот над 2.000 долари

Цената на гасот во Европа вчера скокна на 2.003,2 долари за 1.000 кубни метри. Тоа е највисоко од 9 март. Експертите велат дека тоа се случило поради најавата на „Гаспром“ дека дополнително ќе го намали протокот на гас кон Европа преку гасоводот Северен тек.

Унгарците го отфрлија планот за штедење

Планот за намалување на потрошувачката на гас за 15 отсто го отфрли само Унгарија. Министерот за надворешни работи на таа земја Петер Сијарто изјави дека планот на Европската комисија е неспроведлив и неоправдан.

-Само Унгарија гласаше „не“. Тој декрет целосно ги игнорира интересите на унгарскиот народ. Тој план е бесмислен и им штети на граѓаните, рече Сијарто.

Инаку, минатата недела Унгарија се договори со Русија да ги зголеми испораките на гас и покрај санкциите на ЕУ воведени кон Москва. Сијарто лично отиде во Москва и на средба со рускиот колега Сергеј Лавров договори понатамошна соработка и зголемување на испораките.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП