3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТДали Русија навистина го има најголемиот нуклеарен арсенал во светот или тоа...

Дали Русија навистина го има најголемиот нуклеарен арсенал во светот или тоа е само уште една лага на Кремљ?

Русија тврди дека го има најголемиот нуклеарен арсенал во светот и не се плаши да го користи. Сепак, никој повеќе не и верува на Москва.

Тврдењето дека Русија има најголем нуклеарен арсенал се повторува со години, а највисоките руски функционери директно или индиректно му се закануваат на Западот со ова оружје уште од почетокот на војната во Украина.

Но, како што пишува „Јутарњи лист“, Москва во последните месеци изнесе толку многу невистини по ред што долгорочниот кредибилитет на владетелите во Русија е трајно нарушен.

Од друга страна, западните земји сè повеќе ги тестираат руските „црвени линии“ испраќајќи сè понапредна и софистицирана воена опрема во Украина, за која Москва во првите денови од војната тврдеше дека нејзината испорака ќе се толкува како објава на војна од страна на западните сили. Но, ниту тоа не се случи.

Сега се поставува прашањето – дали Русија го има најголемиот нуклеарен арсенал во светот или тоа е само уште една лага на Кремљ?

Според анализата на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), една од водечките светски институции која ги следи трендовите во нуклеарното оружје, Руската Федерација во својот инвентар има вкупно 5.977 боеви глави од различни видови и големини, но таа бројка исто така вклучува постари, „пензионирани“ боеви глави, кои всушност чекаат да бидат демонтирани и пренаменети, иако со многу труд веројатно би можеле повторно да бидат употребливи.

Руските вооружени сили всушност имаат залихи од 4.477 „употребливи“ боеви глави. Повеќето од тоа оружје е во складиште и се смета за резерва – околу 2.889, се наоѓаат во складиште и не можат да се користат без сложени подготовки.

Само 1.588 боеви глави се оперативни – што значи дека тие се веќе во интерконтинентални балистички ракети во силоси, подморници или на мобилни лансирни рампи, или во форма на бомби или проектили складирани во воздушните бази, кои би можеле да се користат за вооружување на руски бомбардери или борбени авиони.

Станува збор пред се за „стратешки“ боеви глави, односно за оружје што е наменето исклучиво за масовно уништување, а не за ограничена тактичка употреба на терен. Повеќето од тактичкото оружје – околу 1.900 парчиња – се сведуваат на бомби, крстосувачки ракети со краток и среден дострел, торпеда и балистички ракети воздух-земја. Сето ова оружје се наоѓа во магацини и е дел од наведената резерва.

Затоа, кога Кремљ тврди дека Русија го има најголемиот нуклеарен арсенал во светот, тоа тврдење првично е само делумно точно, пишува Јутарњи лист, додавајќи дека кога се бројат само оперативните боеви глави – оние кои се подготвени за употреба на краток рок и дека реално би можело да се искористи во случај на ненадеен почеток на сеопфатна нуклеарна војна – САД всушност имаат поголем арсенал на располагање.

САД имаат вкупно 1.744 оперативни боеви глави, дополнителни 1.964 во резерва и вкупен инвентар од 5.428 боеви глави.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП