29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвропа со кризен план, Македонија за сега без мерки за престојната зима

Европа со кризен план, Македонија за сега без мерки за престојната зима

Експертите го вклучија алармот, велат потребни се итно да се донесат мерки за справување со енергетската криза, со кои би се ублажиле проблемите во претстојната зима. Европа го сработи кризниот план за штедење. Кај нас властите најавија дека допрва ќе носат мерки кои најверојатно ќе се базираат на апели. Стручната јавност вели дека планот за превенција, требало да биде готов уште пред неколку месеци.

-Македонија според мое мислење е далеку од подготовена за престојната зима. Четвртиот квартал се тргува по цена од 495 евра за мегават час, а следната година цената ќе биде 380 евра за мегават час. Пред неколку месеци овие цени беа пониски. Сите знаеме дека производството е намалено, така што можеше одамна да се набават барем минимум количини електричнa енергија за престојниот период. Така што, се надевам дека земјава ќе има подготвено кризен план и за снабдување со електрична енергија, но и дека ќе најде решение за БЕГ, вели за “Денар” Сања Божиновска, консултант по енергетика.

Властите се уште ја немаат утврдено листата на мерки кои би можеле да ги ублажат прoблемите. Од таму вчера најавија дека во следниот  период ќе се креираат. Но, уверуваат дека и покрај тоа што не чека тешка зима, рестрикции нема да има.

Се надеваат и дека ЕСМ, ќе успее да обезбеди 100 % од потребите на струја за домаќинствата, за да нема потреба од увоз.

Уште еден проблем е и тоа, кој ќе ги грее скопјани од октомври. Откако РКЕ ги одзема трите лиценци на БЕГ, сега државата има обврска да најде фирма која ќе може да ја преземе работата на Балкан Енерџи.

Една од опциите е ЕСМ да го прави тоа. Од компанијата денеска соопштија дека ќе формираат три фирми за да може да ги снабдуваат скопјани и граѓаните на Битола со топлинска енергија.

-Со цел поуспешно пребродување на кризата со топлинска енергија, Владата го задолжи АД ЕСМ да основа три трговски друштва за вршење поединечна енергетска дејност производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за подрачјето на Град Скопје, чиј основач и единствен содружник ќе биде АД ЕСМ, се вели во дописот од компанијата.

Државата има рок до крајот на септември да најде нов снабдувач со топлинска енергија, а дотогаш работата ќе продолжи да ја врши БЕГ. Повикот за избор не е објавен, но постапките ќе биле навреме завршени. Од Владата се децидни дека граѓаните оваа зима нема да останат без парно греење.

Инаку, кризниот план кој го донесе Европа предвидува, редуцирање на потрошувачката на гас. Ова важи и за граѓаните и за фирмите. Зградите и деловните објекти да го вклучуваат греењето до најмногу 19 степени, а ладењето да биде до најмногу 25 степени. Оние кои се во можност, да работат од дома. Ова се само дел од мерките од овој план, кој се донесе како превенција ако Русија одлучи целосно да го стопира гасот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП