КОМПАНИИ

Со повисоки цени, „Hasbro“ ја надмина прогнозата за профит

Производителот на играчки „Hasbro“ ги надмина пазарните проценки за квартален профит благодарение на силната побарувачка за неговата игра „Magic: The Gathering“ и зголемувањето на цените за неговите производи.

И покрај поголемото забавување на пазарот за игри во оваа година, продажбата на „Hasbro“ се одвива добро поради новите наслови. Компанијата објави проширување на „Magic: The Gathering“ во вториот квартал, што според аналитичарите доведе до пораст на нарачките.

Бизнисот „The Wizard’s of the Coast“, кој ја вклучува популарната игра „Dungeons & Dragons“, објави скоро 17% пораст на оперативната добивка на годишно ниво за трите месеци до 26 јуни.

Ниските трошоци за производство за тие игри, како и повисоките цени за играчките на „Hasbro“, како што се фигурите на „My Little Pony“, помогнаа да се зголемат оперативните маржи од 16 на 18 проценти, дури и кога трошоците за испорака скокнаа.

Прилагодениот нето приход се зголеми за 10% на 160,6 милиони долари. Компанијата заработи 1,15 долари по акција, надминувајќи ја просечната проценка на аналитичарите од 94 центи по акција, според податоците на „Refinitiv“.

Нето приходот, пак, се зголеми за 1% до 1,34 милијарди долари во последниот фискален квартал на годишна основа. Сепак, ова беше под прогнозата од 1,37 милијарди долари и беше поврзано со влијанието на посилниот долар.