26 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИКонсултантската компанија Data Masters слави четири години: Приказната добива интернационална димензија

Консултантската компанија Data Masters слави четири години: Приказната добива интернационална димензија

Data Masters е консултантска IT компанија со 100% македонски капитал, чија приказна е започната преку желбата на нејзините основачи да инвестираат во својата земја и да тргнат во едуцирање на пазарот и ширење на data science секторот во Македонија. Денес гордо може да се пофали со многу реализирани планови и успешна мисија која полни четири години.

Четирите години постоење говорат за многу исполнети цели, комплексни проекти и значаен раст на сите полиња. Годишнината ја слават со рекорден број на вработени (тим од 50+ колеги), 60+ проекти (домашни и странски) и 400+ студенти на Data Masters Академијата, како и најава за ширење на интернационално ниво.

Зборувајќи за почетоците, еден од ко-основачите и извршен директор, Филип Петровски, посочува дека компанијата успешно ги надминала сите предизвици за време на иницијалниот шок од пандемијата на Ковид-19 и дека токму овие моменти на неизвесност ѝ помогнале на компанијата да се издигне на едно повисоко ниво.

– Првичниот шок од Ковид-19 пандемијата силно го почувствувавме, бидејќи се стопираа многу проекти, но успеавме да се реорганизираме и комплетно да ја промениме базата на клиенти. Целта беше да го задржиме тимот, што успешно го направивме. Првиот чекор од визијата при основањето на Data Masters беше да бидеме најголемата компанија по бројност и проекти во Македонија од областа на Data Science и можам да кажам дека таа цел е исполнета – вели Петровски.

Data Masters уште од самиот почеток има поставено големи цели. Меѓу нив се вбројуваат подигнување на свесноста за податоците во Македонија како и градење партнерства со локални компании кои се маркет-лидери во различни индустрии за имплементација на cutting-edge решенија од областа на бизнис интелигенцијата и машинското учење. Со Академијата и локалните партнерства успева да овозможи и понуди врвно знаење кај поединците и компаниите и трансфер на тоа знаење на интернационални проекти, како и градење на кадри кои можат да се носат рамо до рамо со конкуренцијата и да поставуваат трендови.

За константниот напредок на Data Masters говори и Мартина Наумовска, партнер и првиот Мachine Learning експерт во Data Masters, која со своето враќање од Португалија во Македонија, отвори една нова приказна во компанијата. Таа истакнува дека сѐ е започнато со заедничката визија да се создаде сектор кој ќе работи на интересни проекти и нови технологии кои ќе го трасираат патот за новите генерации.

– Во последните 3 и пол години Мachine Learning делот во Data Masters не само што напредна технички, туку и во самиот оддел започнавме да развиваме знаења и кадри во делот на MLOps и Data Engineering. Морам да кажам дека прогресот на овој сектор се должи само и исклучиво на макотрпната работа на колегите и довербата на клиентите и соработниците. Горда сум да кажам дека тимот со кој што стартуваше овој оддел до денес заеднички се бори да биде подобар и во чекор со најновите технолошки збиднувања – констатира Наумовска.

Иновативниот пристап на Data Masters што претставува комбинација на консалтинг, имплементација и едукација со огромен фокус не само на техничкиот, туку и на бизнис делот преку работа во конкретни домени, овозможува огромен бенефит за клиентите во и надвор од Македонија. Од една страна тие добиваат врвни решенија скроени за нивните потреби, додека од друга страна преку едукативниот пристап се оспособуваат да изградат интерни кадри за да можат детално да го разберат решението и да бидат витален дел во понатамошната дигитална трансформација на компанијата. Методологијата на работа како главен продукт на компанијата, на Data Masters ѝ овозможува конкурентна предност и ги отвора вратите за работа со врвни клиенти. Компанијата токму во овој период прави сериозни чекори кон експанзија во Западна Европа, со прв чекор во Португалија.

Ко-основачот и директорот на одделот за продажба во Data Masters, Дарко Велков, посочува кој е најголемиот диференцијатор што ја прави Data Masters уникатен играч на пазарот и ѝ дава конкурентна предност.

– Во контактите со странските соработници сме забележале дека нашата мотивација е многу препознатлива. Често пати ни посочуваат дека постои огромна енергетска разлика во начинот на кој ние посакуваме сериозно големи успеси. Уште една наша предност е тоа што сме флексибилни и прилагодливи кон нашите клиенти и соработуваме на начини на коишто секогаш доведуваат до решение. Тоа е реткост во односот помеѓу две правни лица – издвојува Велков.

И целиот менаџмент-тим е согласен дека Data Masters не застанува тука. Остварените цели во изминатите четири години се главен мотиватор да се постават уште поголеми. Меѓу нив, најголемата е позиционирање на Македонија како извор на врвни таленти од областа на Data Science, а воедно и носење на интернационално знаење и искуство од португалски експерти во областа кои ќе бидат идни ментори на тимот што се гради во Македонија.

– Најголемиот успех на Data Masters се луѓето и тимот којшто ја води компанијата напред. Успеавме да дојдеме до момент кога речиси сите знаат што е Data Science и вештачка интелигенција. Компаниите се интересираат како овие дисциплини можат да им помогнат во секојдневното работење, а многу луѓе со аналитички капацитет имаат интерес да навлезат во ова поле, што беше вистинска реткост во 2018 година кога започнувавме со работа – завршува Петровски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП