24 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПрофитот на „H&M“ расте како што луѓето се враќаат во продавниците

Профитот на „H&M“ расте како што луѓето се враќаат во продавниците

Модниот гигант „Hennes & Mauritz“ (H&M) објави профит во вториот квартал што ги надмина очекувањата на аналитичарите, но рече дека неговите приходи од продажба би можеле да паднат до 6% во јуни, бидејќи војната во Украина и проблемите со синџирот на снабдување влијаат многу на трговецот на мало, пишува „Bloomberg“.

Добивката на шведската компанија пред оданочување се зголеми за една третина на 4,78 милијарди круни (470 милиони долари). Аналитичарите предвидуваа 3,98 милијарди круни. Претходно овој месец, „H&M“ објави скок од 12% во приходите од продажба во локални валути.

„Добро примените колекции доведоа до силен развој, со дополнително зголемување на продажбата на стоки без попусти и помали попусти“, рече извршната директорка Хелен Хелмерсон.

„H&M“ и конкурентните трговци на мало во физичките продавници забележуваат обновување на продажбата бидејќи потрошувачите ги ажурираат своите гардероби за работа и специјални настани по две години, кои главно ги поминаа дома. Сепак, растот на цените на сè, од енергија до транспорт и храна влијае врз буџетот на купувачите. Зголемените трошоци, исто така, ги намалуваат маржите на некои трговци на мало.

Војната во Украина и спорадичните блокади во делови на Кина каде што „H&M“ беше бојкотиран поради одбивањето да користи памук од регионот Ксинџијанг, исто така, не помогнаа. Компанијата затвори голема продавница во Шангај и ја прекина продажбата во Русија по руската инвазија на Украина.

Нето приходите од продажба за јуни се очекува да се намалат за 6% во локални валути во споредба со истиот месец претходната година. Тие ќе бидат погодени од прекинот на продажбата во Русија, Белорусија и Украина, објави „H&M“.

Компанијата соопшти дека бара начини за „приоритизирање на иницијативите, пренасочување на ресурсите и обезбедување континуирана профитабилност“ како директен резултат на предизвиците со кои се соочува.

Предупредувањата на аналитичарите дека „H&M“ ќе ја намали својата профитабилност придонесе за повеќе од 30 отсто пад на цената на акциите на компанијата во оваа година. Гигантот рече дека има амбиции да ја зајакне својата позиција на пазарот со зголемување на цените помалку од конкурентите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП